• понеделник, 23 декември 2024

Аргатите и аргатските дневници, тема на состанок вечерва во кавадаречко Сопот

Аргатите и аргатските дневници, тема на состанок вечерва во кавадаречко Сопот
Кавадарци, 23 август 2022 (МИА) - Аргатите и аргатските дневници, се тема на која ќе се разговара на состанок вечерва во кавадаречкото село Сопот, а организаторите очекуваат присуство на сопственици на лозја и аргати.
Целта е, како што рекоа лозаропроизводители за МИА, да се утврдат цените по коишто ќе се плаќа аргатската работа за берење грозје. Но, ќе се утврдува и цената за кирија, што ќе ја плаќаат аргатите што доаѓаат од други општини, а за време на гроздоберот, ќе престојуваат во Тиквешијата како најголем лозарски регион во државата.
-Се одлучивме на ваков чекор, бидејќи се случи вчера аргати да берат грозје за дневница од 1.200 денари, а денеска да бараат 1.500 за работа од шест до 12 часот. Што е многу, многу е. Сакаме договор , да се знае цена и работно време. Свесни сме дека тие што имаат помалку грозје несакајќи прават пореметување на цената за аргатска работа, бидејќи за да го оберат побрзо малиот род спремни се да платат и поскапо. Но, со тоа им создаваат проблеми на тие што живеат од лозарство и се регистрирани земјоделци со големи плантажи лозови насади. Не знаеме дали ќе успееме во нашата намера, ама барем ќе се обидеме, рекоа лозари со коишто разговараше МИА.
Во Сопот доаѓаат да берат грозје аргати од Кочани, Штип, Крива Паланка.
Лозарот Стефан Стојчев кој стопанисува со 30 хектари лозје, рече за МИА дека минатата година аргатите кај него береле грозје за илјада денари дневница.
Од друга страна, аргати од Неготино со коишто разговараше МИА, беа децидни дека минатата година работеле за дневница од 1.300 денари. Годинава, за 1.400 денари со нивни превоз и јадење. Береле грозје од 5.30 до 12 часот. Цената била покачена, оти зголемени биле сите трошоци за живот. свд/сст/
фото МИА архива

Остани поврзан