• петок, 22 ноември 2024

АПИС и АСОМ најавуваат протести доколку се изгласаат предлог измените на Законот за игри на среќа

АПИС и АСОМ најавуваат протести доколку се изгласаат предлог измените на Законот за игри на среќа

Скопје, 16 март 2023 (МИА) - Претставниците на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) и Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) денеска уште еднаш испратија апел до пратениците да не го прифатат Предлог законот за измени и дополнувања на Законот за игри на среќа и забавни игри, кој со европско знаме е на дневен ред на пленарната седница во Собранието. Во спротивно, како што најавија, ќе организираат масовни протести.

Горан Стоименов, претставник на (АПИС) изјави дека измените кои се предвидуваат во законот се скандалозни и противуставни и им порача на пратениците да не наседнуваат на лажниот популизам што го шират противниците на легалните игри на среќа.

Тој напомена дека има должност да ги заштити вработените и инвестициите кои ја придвижуваат македонската економија напред.

-На совест на сите пратеници се оставени судбините на 10 илјади семејства кои доколку се изгласаат овие измени, ќе бидат принудени во најголем број да си ја бараат среќата во западните земји, членки на ЕУ, каде повторно ќе работат во истата дејност при игри на среќа. Тука работат обични луѓе, меѓу кои родители на малолетни деца, кои чесно си ги заработуваат своите плати и не сакаат да бидат избркани од сопствената држава. Иако уште пред цел месец евроамбасадорот Дејвид Гир јавно порача дека европското знаме не смее да се злоупотребува за избегнување на дискусии за важни прашања, некој не се откажува од намерата да протурка скандалозни и противуставни измени на Законот за игри на среќа, рече Стоименов.

Тој додаде дека и покрај јавниот повик, владиниот секретеријат за европски прашања не дал одговори за тоа која ЕУ директива предвидува затворање на легални игри на среќа и која ЕУ директива создава предуслови за игри на среќа на црно, без државна контрола.

Собир на вработени во секторот игри на среќа

-Кога младите се заштитени? - Сега кога игрите на среќа се на легален начин или кога ќе се организираат на црно и државата ќе нема никаква контрола? Доколку овие законски измени не се повлечат, и низ една широка општествена јавна дебата со вклучување на сите засегнати страни не се пристапи кон изработка на одржливо законско решение, кое ќе ги следи сите светски стандарди за игри на среќа, ќе бидеме принудени да излеземе на масовни протести, додаде Стоименов.

Васко Илијевски, претседател на (АСОМ) денеска изјави дека Предлог законот, кој Владата го достави до Собранието, е целосно неприфатлив и е неевропски, неуставен и монополски.

-Испраќаме порака дека нема мирно да седиме и да гледаме како државата го носи најдеструктивниот Закон во историјата, кој ќе предизвика затворање на легалната индустрија на игри на среќа и на широки врата ќе се отвори простор за сива економија и за криминалот. Тоа е така бидејќи се неприфатливи законските измени, кои предлагаат дислокација на нашите објекти, забрана за приредување на интернет игрите на среќа, зголемување на давачките и надоместоците, како и измени на Законот кои задираат во веќе постоечки лиценци, кои ќе значат колапс на целата стопанска дејност, рече Илијевски.

Според него, Предлог законот е направен без никакви анализи, истражувања, користења на факти и аргументи, со тенденциозно избегнување на дебатата, преку злоупотреба на европското знаменце.

Прашан дали побарале средба со Владата, Илијевски посочи дека средбата е побарана и со Владата и со надлежното Министерство за финансии кое е предлагач на законот, но како што рече, до сега не добиле повратен одговор.бт/аа/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан