• петок, 22 ноември 2024

АПИС: Државна лотарија да ја преиспита одлуката за организирање игри на среќа на интернет

АПИС: Државна лотарија да ја преиспита одлуката за организирање игри на среќа на интернет

Скопје, 28 септември 2023

Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа - АПИС ја оценува одлуката на Државна лотарија за капитално учество во основањето три нови трговски друштва за организирање игри на среќа на интернет за упад во досегашниот систем на игри на среќа.

Клучната дилема е дали е ова вовед во ставањето клуч на врата на обложувалниците и автомат клубовите? Дали државата сака да остави 10 илјади луѓе без работа за да остварува буџетски приходи преку онлајн игри на среќа? Зошто упорно се игнорира мислењето на АПИС и АСОМ? Дали студијата која е направена укажува дека интернет игрите на среќа заради полесната достапност се потенцијално поголем ризик за младината?

Целокупниот процес е нетранспарентен и со месеци се криел од јавноста. Може само да претпоставуваме кои се мотивите за вака погрешен пристап. Не слушнавме ниту еден издржан аргумент зошто на државата под овие услови и се потребни три нови компании кои ќе организираат игри на среќа на интернет. Отворено се сомневаме дека условите кои треба да се исполнат се креирани така да однапред се знае кој ќе бидат партнерите на Државна лотарија. Скандалозно е да не се почитуваат реализираните инвестиции на актуелните приредувачи на игри на среќа, кои и во овој случај се дискриминирани, иако на дел од нив капиталот им доаѓа од земји членки на ЕУ. Уште пострашно е што ќе се дозволи на компанија која нема ниту еден вработен да приредува игри на среќа, што е надвор од економската логика и спротивно на високите стандарди во индустријата.

Ја повикуваме Владата и Државната лотарија да ја преиспитаат одлуката за организирање игри на среќа преку интернет. Без јавна расправа, без да се чуе мислењето на експертската јавност, секое продолжување на постапката ќе биде штетен преседан со сериозни последици. Актуелните приредувачи на игри на среќа како најголем работодавец во земјата имаат право да бараат нивниот глас да се слуша. Нема да дозволиме заради нечии лични бизнис апетити да се разградува постоечкиот систем на игри на среќа, кој е еден од најстрого регулираните во регионот и пошироко.

Асоцијација на приредувачи на игри на среќа – АПИС

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: АПИС

 

Остани поврзан