• петок, 05 декември 2025

Апасиев: Следната недела ќе закажам посебна седница за Кочани на Постојаната анкетна комисија во Собранието

Апасиев: Следната недела ќе закажам посебна седница за Кочани на Постојаната анкетна комисија во Собранието

Скопје, 18 ноември 2025 (МИА) - Претседателот и пратеник на Левица, Димитар Апасиев вчера преку објава на Фејсбук најави дека како претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во Собранието, следната недела ќе закаже посебна комисиска седница на која ќе се разгледува претставката од семејствата на загинатите во Кочани испратена преку „Здружението 16 март“.

-На седницата ќе се расправа за изнесените наводи поврзани со страшната трагедија во дискотеката „Пулс“, а на неа официјално ќе бидат поканети и претставници на подносителите, објави Апасиев на Фејсбук.

Комисиската расправа која за следната недела ја најавува Апасиев е засебна од онаа што пратеникот и лидер на СДСМ, Венко Филипче, кој вчера најави дека ќе биде иницирана од пратеничката група на СДСМ. Филипче вчера објави дека пратениците на СДСМ до Собранието денеска ќе поднесат предлог за надзорна расправа и формирање посебна Анкетна комисија за целосно и независно испитување на трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“.

Судењето за  трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која животот го загубија 63 лица, а околу 200 беа повредени започнува утре. Првото рочиште е закажано во 9:30 часот во судницата на КПУ Идризово, со засилени безбедносни мерки и присуство на лекарска екипа.

Случајот опфаќа 38 обвинети – 35 физички и три правни лица, а постапката ќе се води со темпо од две рочишта неделно. Судот апелира до медиумите за достоинствено известување без сензационализам, со почит кон жртвите и нивните семејства. фф/вј/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан