Анкета на Алфа Рисрч: Секој петти Бугарин вели дека 2024 година била подобра за него и неговото семејство
- Вкупно 22 отсто од Бугарите наведуваат дека 2024 гогина била подобра за нив и нивните семејства, а 24 отсто дека била полоша.
Софија, 26 декември 2024 - Вкупно 22 отсто од Бугарите наведуваат дека 2024 гогина била подобра за нив и нивните семејства, а 24 отсто дека била полоша. Мнозинството - 54 отсто, не гледа промена од претходната година. И покрај сите перипетии во изминатите 12 месеци, овие проценки имаат минимална разлика (не повеќе од 2 до 3 процентни поени) со оние дадени на крајот на 2023 година. Тоа го посочува национално репрезентативно истражување на агенцијата „Алфа Рисрч“. Оценките на Бугарите за изминатата година на личен план веќе трајно и остро се разликуваат од оние за состојбите во земјата и светот, коментира агенцијата.
Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.
Анкетата е спроведена во периодот од 1 до 10 декември 2024 година меѓу национално репрезентативен примерок. Анкетирани се 1.000 возрасни Бугари во нивните домови со директно стандардизирано интервју. Истражувањето е дел од мониторингот на „Алфа Рисрч“ и се реализира со сопствени средства.
По децении песимизам, од 2018 година (со исклучок на ковидната 2020 година) перцепцијата за нормализирање на животот на лично ниво постојано се стабилизира, покажуваат податоците.
Оценката за насоката во која се движи Бугарија драматично се разликува со чувството за тоа што се случува на личен и на семеен план. Само 7 отсто (за 3 поени помалку од минатата година) од оние кои учествувале во истражувањето сметаат дека Бугарија се променила на подобро. Неутралните оценки остануваат околу една третина, но оние кои се разочарани (или очајни) дека земјата е на вистинскиот пат се зголемуваат на 58,5 отсто. Ако се спореди со личните оценки - повеќе од два и пол пати повеќе луѓе се недоверливи во способноста на националната елита да изгради модерна Бугарија, покажуваат резултатите од истражувањето.
Во однос на тековната војна во Украина и на Блискиот Исток, зголемените тензии во голем број региони во светот и новата политичка реалност во клучните земји, најпесимистички и најлоши се оценките за изминатата година на глобално ниво. Само 4,8 отсто од учесниците во студијата сметаат дека била подобра од претходната, а три четвртини (74 отсто) се на мислење дека ситуацијата во светот станува се покритична, неизвесна и експлозивна, коментира агенцијата.
Најмрачните и најлошите очекувања се на глобално ниво - 45 отсто (со седум поени повеќе од декември 2023) од испитаниците предвидуваат дека во 2025 година проблемите ќе се продлабочат во различни делови на светот. Само 26 отсто се надеваат дека трендот од последните години ќе се промени и светот може да се надева на позитивни промени, покажуваат резултатите на „Алфа Рисрч“.
Во споредба со она што се случува геополитички, Бугарија е неколку скалила погоре. Вкупно 40 отсто од учесниците во истражувањето веруваат дека кризите ќе се продлабочат, 28 отсто гледаат светлина на крајот од тунелот и очекуваат просперитет и повеќе можности во 2025 година. Исто како и со оценките за изминатата година, на личен план, очекувањата за следната остро се контрираат. Само 16 отсто се песимисти наспроти дури 43 отсто оптимисти, се наведува и во студијата на „Алфа Рисрч“.
Медиумската информативна агенција овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА.