• петок, 05 декември 2025

Андоновски: Има петнаесет кривични пријави поднесени од Министерството за дигитална трансформација, пет се во судска постапка

Андоновски: Има петнаесет кривични пријави поднесени од Министерството за дигитална трансформација, пет се во судска постапка

Скопје, 13 ноемрви 2025, (МИА) -Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во гостување во емисијата Клик Плус на ТВ21 истакна дека Министерството активно работи на откривање и процесуирање злоупотреби, поднесувајќи вкупно петнаесет кривични пријави.

„Во Министерството имав случаи на злоупотреби од претходни раководства, и сметав дека е потребно да повикаме на одговорност. Пет од тие пријави веќе се во судска постапка, што значи дека Обвинителството ги процесираше со вештачења, анализи и документи. Дел се уште чекаат да започне постапката“, рече Андоновски.

Министерот додаде дека методологијата на работа е систематска и без политички притисоци.

„Не снимавме апсења, не правиме притисок врз соработници на Венко Филипче. Секој предмет се обработува со издржани аргументи и факти и завршува со судски одлуки. Фали динамика кај судството и Обвинителството, но борбата против корупција започнува од сопствениот двор“, нагласи Андоновски.

Тој исто така појасни дека паузите во ИПАРД фондовите се резултат на внимателна анализа на Министерството за финансии и Владата за евентуални злоупотреби, а не блокади, со цел процесот да продолжи со сигурност и транспарентност.

Министерот истакна и дека по добиената апсолутна власт од ВМРО-ДПМНЕ, растат и обврските на партијата.

„Сега одговорноста е само на ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните за поплаки имаат само едно име и презиме“, нагласи Андоновски, додавајќи дека ова бара дополнителна реформа и осовременување на партијата.

Тој посочи дека партиите кои сакаат да ја задржат власта мораат постојано да се обновуваат, како кадровски, така и програмски.

„Не може да останете исти засекогаш. Затоа е добар овој Конгрес за да ги исцрта параметрите за следниот мандат и за следните осум години во кои ВМРО-ДПМНЕ ќе функционира и сум сигурен ќе ја води државата“, додаде министерот.

Андоновски истакна дека Конгресот, закажан на почетокот на декември, ќе донесе свежина, енергија и нови идеи кои ќе ја зацврстат партијата и нејзината способност да одговори на потребите на граѓаните.

Фото: принстскрин ТВ 21

 

Остани поврзан