• четврток, 14 ноември 2024

Андонова: Во очекување ќе бидеме и на следно признание на вина во случајот „Двојник“

Андонова: Во очекување ќе бидеме и на следно признание на вина во случајот „Двојник“
Скопје, 7 мај 2021 (МИА) – Соочени со доказите на обвинението мислам дека можеби во очекување ќе бидеме и на следно признание на вина, изјави обвинителката Спасенка Андонова, по денешното рочиште за случајот „Двојник“. Одговарајќи на новинарско прашање дали очекувала ваков развој на настаните, откако шест од 11 обвинети признаа вина, а една обвинета преднајави признание на вина, обвинителката Андонова, рече дека со оглед на бројноста на доказите и нивниот квалитет, очекувала многу брзо завршување на постапката. - Имајте во предвид дека сепак се 11 обвинети лица во почетокот на предметот. Веќе шест од нив имаат дадено признание, оставете временски простор да видиме како ќе тече понатаму и како ќе се произнесат останатите обвинети, рече Андонова. Во однос на материјалната штета, Андонова рече дека, во описот на кривичното дело кое им се става на товар стои некаква материјална корист прибавена од нивна страна. - Тоа значи дека во конкретниот случај не располагаме со точни податоци за парични средства и висина на парични средства коишто се прибавени од нивна страна и затоа е таа квалификација која што е употребена. Меѓутоа, судот со донесувањето на одлуката и со изрекувањето на казните воедно се определува и за една друга казна, а тоа е „забрана за вршење на професија и дејност“ по членот 38, така што верувам дека оваа казна веќе многу повеќе ќе ги погоди одошто нешто друго во поглед на материјалната корист, изјави Андонова. Во случајот од првично обвинетите 11 лица, на првото рочиште вина признаа пет лица, а една од вработените во МВР, која беше отсутна поради болест, преднајави признание на вина преку својот бранител и судот ја раздвои постапката за неа. Судот ги прогласи за виновни за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување четворицата вработени во МВР, кои претходно признаа вина и им одреди казни затвор и тоа: казна затвор од две години и седум месеци и забрана за вршење дејност и должност од десет години за обвинетиот Денис Баруфи, казна затвор од две години и три месеци и забрана за вршење дејност и должност од десет години на Ален Личина, на Ѓорѓе Велков казна затвор од две години и мерка забрана за вршење дејност и должност десет години, додека на Фарук Биља, му одреди алтернатива мерка условна осуда од шест месеци, која нема да се изврши ако обвинетиот во рок од две години не го повтори делото, како и забрана за вршење дејност и должност во период од три години. Судот на Раиф Мифтари, му одреди казна затвор од две години и три месеци за кривично дело поттикнување. На денешното рочиште Судот му изрече казна затвор од една година и седум месеци и на Шемседин Јашари, вработен во МНР, кој исто така призна вина. Според обвинението, во периодот од јуни 2017 до крајот на 2020 година, биле издадени пасоши на 214 странски и еден македонски државјанин. аа/дма/

Остани поврзан