• недела, 22 декември 2024

Ангеловска-Бежоска учествуваше на гувернерски состанок организиран од Банката за меѓународни порамнувања

Ангеловска-Бежоска учествуваше на гувернерски состанок организиран од Банката за меѓународни порамнувања

Скопје, 13 септември 2024 (МИА) - Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска учествувала на состанокот на гувернерите на централните банки што се одржал во организација на Банката за меѓународни порамнувања (БИС),а со кој претседавал гувернерот на централната банка на Франција, Франсоа Вилероа де Гало.

Темата на септемврискиот состанок,  како што соопшти Народна банка,  биле предизвиците на глобалниот финансиски систем во контекст на примената на напредните технологии и целосното искористување на потенцијалот за развој на финансискиот систем со примена на новите дигитални технологии, во прилог на подобри финансиски услуги.

-Во центарот на вниманието беа можностите за натамошен развој на финансиските системи, заснован на користење повисок степен на технологија, вклучително и преку  формирање на т.н. финтернет, односно мрежа на финансиски екосистеми коишто имаат меѓусебни конекции, на сличен начин како интернетот. На тој начин би се овозможила брза трансформација на финансиските средства од еден во друг вид преку процесот на воведување токени, натамошниот развој на финансиските пазари, повисокото финансиско посредување, пониските трошоци за извршување на платежните трансакции, како и повисокиот степен на финансиска вклученост, се наведува во соопштението од Народна банка.

Со учеството на гувернерката Ангеловска-Бежоска на овој настан, во организација на БИС, како што се наведува во соопштението, се потврдуваат заложбите на Народната банка за постојано следење на трендовите во централнобанкарската заедница и за примена на современите технологии и финансиски иновации. На тој начин, Народната банка се стреми преку соодветна регулативна рамка да придонесе и за поефикасен домашен финансиски систем, со современи финансиски услуги за нашите граѓани. дма/лв/

Фото: Народна банка

Остани поврзан