• петок, 22 ноември 2024

Ангеловска-Бежоска вклучена во иницијатива на „Централ бенкинг“ – промовирање на рамноправноста, различноста и инклузијата

Ангеловска-Бежоска вклучена во иницијатива на „Централ бенкинг“ –  промовирање на рамноправноста, различноста и инклузијата

Скопје, 25 јули 2021 (МИА) - Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска е вклучена во иницијативата на водечкиот глобален информативен сервис за централно банкарство и финансии, „Централ бенкинг“, за промовирање на рамноправноста, различноста и инклузијата. „Централ бенкинг“ објави авторски текст на гувернерката, во кој се наведува дека родовите, етничките и културните разлики се голема придобивка за институционалната култура, како и во креирањето и спроведувањето на политиките.

-Сѐ повеќе податоци укажуваат на тоа дека различноста, наследена – како расата и полот, или стекната – како искуството и културната позадина, се поврзани со деловниот успех, бидејќи носат хетерогеност на вредности, верувања и ставови. Хетерогените тимови можат да доведат до подобра институционална култура, што ќе им помогне на централните банки ефективно да одговорат на промените, наведува во текстот гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката посочува дека повеќе емпириски податоци укажуваат дека учеството на жените во комитетите за монетарна политика е поврзано со подобри перформанси во однос на ценовната стабилност.

Анализа на податоци од осум земји, чија монетарна политика е таргетирана во однос на ценовната стабилност, како што е наведено во „Централ бенкинг“, покажува дека централните банки водени од гувернерки ставаат поголем акцент на стабилизирање на инфлацијата во споредба со оние што се водени од нивните машки колеги.

-Во нашата централна банка близу 60% од вработените се жени. Близу 70% од раководните позиции во Банката се пополнети од жени. Народната банка е силна институција од аспект на родовата застапеност. Но, може да се стори повеќе за натамошно подобрување на нашата институционална култура. Во моментов го разгледуваме и унапредуваме нашиот Етички кодекс, како дел од настојувањето постојано да се унапредува нашата институционална култура. Сакаме уште повеќе да ги поттикнеме сите вработени да го почитуваат диверзитетот: половата припадност, етничката припадност, карактерот, образованието и мислењето, посочува гувернерката.

Ангеловска-Бежоска укажува и дека има потреба од поголема вклученост на жените на раководни позиции во финансискиот сектор. Како што беше соопштено неодамна, кај нас, учеството на жените во управните и надзорните одбори на банките изнесува околу 30 отсто.

Во објавата на „Централ бенкинг“, гувернерката посочува дека од особено значење е поголемата финансиска инклузија на жените, односно нивен поголем пристап до финансиските производи, бидејќи на тој начин се поттикнува економскиот раст и се намалува јазот во доходовната нееднаквост.

Неодамна, „Централ бенкинг“ ја издвои Ангеловска-Бежоска меѓу трите гувернерки од светот коишто успешно се справуваат со предизвиците од корона-кризата. дма/мд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан