• вторник, 05 ноември 2024

Ангеловска-Бежоска: Ако се предвидени одредени зголемувања што можат да значат поттикнување на јавната потрошувачка треба внимателно да се пристапи

Ангеловска-Бежоска: Ако се предвидени одредени зголемувања што можат да значат поттикнување на јавната потрошувачка треба внимателно да се пристапи

Скопје, 16 мај 2023 (МИА) - Генерално доколку се предвидени одредени зголемувања коишто можат да значат поттикнување на јавната потрошувачка и евентуално притисок врз ценовното ниво, треба внимателно да се пристапи, изјави денеска гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска одговарајќи на прашање дали зголемувањето на платите во јавниот сектор може да има импликации врз инфлацијата и врз дефицитот.

-За тоа Министерството за финансии би можело да каже ние не знаеме точно што е предвидено и дали има простор за обезбедување на тие средства во Буџетот. Секако генерално доколку се предвидени одредени зголемувања коишто можат да значат поттикнување на јавната потрошувачка и евентуално притисок врз ценовното ниво, треба внимателно да се пристапи како што посочиле и од Министерството за финасии. Ние ги вградуваме во нашите проекции сите информации што ги имаме, секако прудентноста на политиките е од исклучително значење во овие периоди во кои неизвесноста е се уште висока, рече Ангеловска-Бежоска.

Таа уште еднаш посочи дека проценка би можеле да направат колку може тоа да влијае врз инфлацијата, но по консултации со Министерството.

Министерот за финансии Фатимир Бесими вчера на брифинг со новинарите истакна дека сега не е најповолно време за усогласување и зголемување на платите во јавниот сектор, бидејќи ќе има импликации на инфлацијата и препорача зголемувањето на плати да се имплементира од 2024 година. Според него, платите во јавниот сектор треба да растат ако расте продуктивноста и ако се зголемат платите во реалниот сектор.

-Усогласувањето на платите на Економско-социјалниот совет ќе трае подолго, а методологијата за зголемување на плати може да се донесе побрзо, рече Бесими на средбата со новинарите.

Неодамна Уставниот суд укина одредба од Законот за плати за коефициентите на плати со која се овозможи на јавно избраните функционери да им се зголемат платите за 78 отсто. Одредбата за коефициентите на плати донесена во 2012 година пред Уставниот суд беше оспорена од адвокат. Со неа покрај функционерите во Владата се опфатени и пратениците, градоначалниците, судиите,..., и другите избрани лица.

Бесими вчера потврди дека за април 2023 година му е исплатена плата повисока за 78 отсто, согласно одлуката на Уставниот суд, според што за април му се исплатени 125.960 денари, а досегашната плата му била 71.145 денари. Зголемена плата за 78 отсто им се исплаќа на 1.060 функционери, а за таа намена годишно од Буџетот ќе се трошат 960 милиони денари. мс/нд/

фото: МИА архива

 

Остани поврзан