• петок, 20 декември 2024

Анализа: Дезинформациите и лажните вести не се само медиумски проблем, туку и безбедносен

Анализа: Дезинформациите и лажните вести не се само медиумски проблем, туку и безбедносен

Скопје, 29 јули 2023 (МИА) - Дезинформациите и лажните вести не се само медиумски проблем, туку и безбедносен. Тие ги дестабилизираат земјите од Западен Балкан, попречувајќи ја реализацијата на најважните стратешки цели на државите, вклучувајќи ја и Северна Македонија.  

Ова е генералниот заклучок од анализата „Геополитичка перспектива на дезинформациските текови во Западен Балкан“ објавена од Фондацијата „Метаморфозис“ која укажува на поврзаноста меѓу странските штетни влијанија и домашните актери кои користат дезинформациски наративи за дестабилизација на регионот и попречување на евроатлантската интеграција.  

- Интернетот овозможува ширење на дезинформации и пропаганда пред широка публика, а со тоа, со малку трошоци и за кусо време може да се влијае врз перцепциите и мислењата на милиони луѓе. Сето тоа има потенцијал за силно геополитичко влијание на штета на стратешките интереси на Балканските земји. Алармантно е што ваквата појава од медиумски прераснува во безбедносен проблем и има тенденција да го разниша и онака кревкиот мир на Балканот, посочува авторката на анализата Ирена Вишинска, геополитички аналитичар. 
 
Како што соопштија од Фондацијата „Метаморфозис“, анализата базирана врз обработка на 2000 лажни вести или други форми на дезинформации од шест балкански држави, укажува на тоа дека регионот на Западен Балкан и натаму е поле за стратешки натпревар меѓу големите сили заради нерешениот статус во однос на евроатлантската интеграција, чиј процес тече бавно, попречуван од странски штетни влијанија, нивни локални антидемократски сојузници и бавните реформски процеси.  

- Регионот на Западен Балкан станува уште поинтересен заради фактот што се граничи со ЕУ што го прави уште попривлечен за земјите како Русија, Кина, Турција, Иран и земјите од Заливот, бидејќи Балканот претставува праг за влез на европскиот пазар од речиси 800 милиони луѓе, оценува Вишинска. 

Во анализата која ги опфаќа Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора, се посочува дека земјите од регионот треба да ја зајакнат соработката со ЕУ и со НАТО и да пристапат до нивната експертиза во создавањето отпорност и стратегии за одговор на странските штетни влијанија.  

Според Филип Стојановски, директор  за партнерства и развој на ресурси во Фондацијата „Метаморфозис“, со публикацијата се даваат и согледувања кои се однесуваат на поединечните земји, бидејќи локалниот контекст е многу важен.  

- Така, на пример, во нашата земја имаме ситуација во којашто главните типови на дезинформации - како и секаде - беа поврзани со руската агресија врз Украина, при што имаше низа обиди преку овие наративи да се намали поддршката која државата ја дава за одбрана на Украина или да се намали поддршката на заедничките европските санкции кон кои се приклучивме, вели Стојановски.

Според анализата, кај нас се забележани и други странски влијанија кои не секогаш се одразуваат преку ширење на дезинформации. Понекогаш, како што се наведува, се работи за т.н. „мека моќ“, односно промоција на економски, културни или идеолошки работи, поврзани со туѓи геополитички интереси. 

- Кинеското влијание во регионот главно се фокусира на промоција на Кина како економска сила и ефективноста на нивниот авторитарен комунистички систем, а кај нас, покрај тоа, евидентна е и поддршка за одредени руски наративи поврзани со Украина и од кинески дипломатски фактори во земјава, вели Стојановски.  

Пример на влијание кое кај нас не е регистрирано, а го има во регионот, е иранското влијание, а разлики има и во турското и други земји од Блискиот Исток, укажува анализата. 

Изданието „Геополитичка перспектива на дезинформациските текови во Западен Балкан“ (Geopolitical Perspective of Disinformation Flows in the Western Balkans) е објавено од Фондацијата „Метаморфозис“ во рамки на регионалниот проект „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на опасните влијанија преку набљудувачко новинарство“, поддржан од Кралството Холандија. цр/бак/

Фото: Фондација „Метаморфозис“ 

Остани поврзан