• петок, 22 ноември 2024

АМС со нова стратегија за млади за следење на реалните потреби на младите луѓе во земјава

АМС со нова стратегија за млади за следење на реалните потреби на младите луѓе во земјава
Скопје, 8 август 2022 (МИА) - Агенцијата за млади и спорт, со поддршка од мисијата на ОБСЕ во Скопје, УНДП и УНФПА, по повод Неделата на младите кој почнува од денес 8 август до 12 август, најави дека ќе се креира нова Национална стратегија за млади која ќе ги следи реалните потреби на младите луѓе и ќе одговори на барањата што тие ги имаат. Директорот на АСМ, Мојсовски, информираше дека првичната верзија на Стратегијата се очекува кон крајот на годината, а во 2023 ќе следува акциски план. - Во наредниот период АМС во партнерство со Владата, релевантните институции за млади, формите на младинско организирање и Советот за млади ќе работи на креирање на нова Стратегија за млади која ќе ги следи реалните потреби на младите луѓе и ќе одговори на барањата што тие ги имаат. Веќе изработивме методологија за креирање на Националната стратегија за млади, ги поставивме темелите и очекувам до крајот на годината да имаме првична верзија на Стратегијата која ќе биде проследена со акциски план за 2023 година, процесот е целосно инклузивен и тренспарентен, истакна на денешната прес-конференција директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски. Додаде дека серијата на настани по повод Неделата на млади имаат за цел да се слушне гласот на младите, да се препознаат нивните заложби, да се поттикнат да бидат активни чинители во креирање на процеси кои се важни за нив, а од друга страна да бидат креатори на нивната сегашност и иднина и да продолжиме да изнаоѓаме нови начини и методи заедно. - Заедно можеме да создадеме подобри услови за делување, нашата цел е младите да чувствуваат сигурност во институциите и заедно да соработуваме за уште поголеми успеси, рече Мојсовски. Постојаниот претставник на УНДП во земјава, Армен Григоријан, рече дека Стратегијата ќе се занимава со различни аспекти од животот на младите. - Денес сме тука да ја објавиме почетната фаза на процесот на креирање на националната стратегија за млади за следните пет години. УНДП го поддржува овој многу важен процес за подготовка на стратешки документ кој опфаќа различни политики од интерес за младите. Стратегијата ќе се занимава со различни аспекти од животот на младите, како што се вработувањето на младите, здравството, образованието, културата, квалитетот на животот итн., информираше Григоријан. Потсети дека кризата предизвикана од КОВИД-19 пандемијата имаше многу силно влијание врз животите на луѓето, особено на младите. Образовниот систем, рече тој, се соочи со многубројни предизвици, забрзаната дигитализација го зголеми јазот на социјалните разлики, додека пак социјалната изолација остави белег на физичкото и психичкото здравје на младите. - Токму затоа, УНДП заедно со ОБСЕ и УНФПА ќе ја поддржат Агенцијата за млади и спорт да обезбеди отворен и транспарентен консултативен процес којшто ќе се спроведе преку организирање на работилници, конференции, онлајн форуми и други алатки коишто ќе обезбедат широко младинско учество. Нашата јасна цел е да го подготвиме овој стратешки документ преку информирање, консултирање и вклучување на младите во сите чекори на креирањето политики, посочи претставникот на УНДП. Шефот на мисијата на ОБСЕ во земјава, Џефри Голдштајн, посочувајќи на анализите од последниот попис во државата што се реализираше во 2021 година, рече дека денес има 230,000 помалку луѓе под 25 години во државава од пред две децении. - Пред пандемијата, кога имав почеста можност да се среќавам со млади луѓе, јас обично ги прашував каде мислат дека ќе живеат за 10 години. Обично, за жал, големо мнозинство одговари "во странство". Има различни причини за тоа, но последиците се исти: намалување на човечкиот капитал на Северна Македонија, денес и во иднина, подвлече Голдштајн. Додаде дека оваа стратегија ќе обезбеди можности во подобрување на квалитетот на животот на младите, градењето на дијалог и зголемување на довербата на младите во институциите. По повод Неделата на младите, на 11 август во Хотелот „Панорамика“ во Скопје ќе се одржи меѓународна конференција за млади на тема „Младите во отворен Балкан-шанси и перспективи за сигурен напредок во регионот“. Од АСМ најавуваат дека на конференцијата учество ќе земат високи владини функционери од земјава, како и министерот за млади и спорт на Република Србија, министерот за млади и спорт на Црна Гора, како и претставници на младински организации од овие држави и од Република Албанија. сх/аа/

Остани поврзан