• понеделник, 23 декември 2024

Амнести Интернешнл ги осуди постапките на полицијата и судот против демонстрантите во Франција

Амнести Интернешнл ги осуди постапките на полицијата и судот против демонстрантите во Франција
Париз, 29 септември 2020 (МИА) – Според извештај на Амнести Интернешнл за 2018-2019 година, повеќе од 40.000 демонстранти во Франција биле осудени врз основа на „многу нејасни законски одредби“. Строгите постапувања на полицијата против демонстрантите во Франција достигнаа невидени нивоа за државата, а постапките на судовите против нив се незаконски. Ова го изјави францускиот огранок на меѓународната организација за човекови права „Амнести Интернешнл“ во својот извештај за состојбата во оваа област, подготвен врз основа на 18-месечни проучувања во земјата. - Од 2018 година, (почетокот на движењето на „жолтите елеци“) репресиите против демонстрантите во Франција достигнаа ниво без преседан. Да станеш учесник во мирни демонстрации во земјата значи да се изложиш на ризик да станеш жртва на насилни акции од страна на полицијата. Освен тоа, на крајот од денот можеш да бидеш уапсен и одведен во полициска станица, истакнуваат експертите во извештајот. Според нив, „властите во земјата масовно користат закони спротивни на меѓународното право и предвидуваат парични казни, неоправдани притвори и гонење на лица кои не користеле насилство“. Во исто време, се наведува дека „во последните години, протестните движења во Франција значително пораснаа“ – не станува збор само за „жолтите елеци“, туку и за демонстрациите на кои се повикува на итни мерки за заштита на климата, обезбедување социјална правда, протести против незаконските дејствувања на полицијата, против расизмот, намалувањето на пензиите итн. Податоците на организацијата, цитирани во извештајот, покажуваат особено силни репресии од страна на властите врз учесниците во движењето „жолти елеци“. Во периодот од ноември 2018 година до јули 2019 година, 11.203 од нив биле приведени. Подоцна, повеќе од половина беа ослободени без никакви правни последици. Останатите се истражени и осудени за дела што не треба да се сметаат за кривични дела. Активистите за човекови права ги опишуваат постапките на Франција како „сурова правда“. Според извештајот, во периодот 2018-2019 година повеќе од 40.000 демонстранти биле осудени „врз основа на нејасни законски одредби“, често користени за незаконско ограничување на човековите права, особено правото на мирно собирање и правото на слобода на изразување. јт/

Остани поврзан