Амнести бара од ЕУ да преземе мерки против кршењето на човекови права во Унгарија
- Организацијата за заштита на човековите права во светот, Амнести Интернешнл, ги повика земјите членки на ЕУ да реагираат на влошената состојба со човековите права во Унгарија, јави дописничка
Брисел, 14 септември 2022 (МИА) – Организацијата за заштита на човековите права во светот, Амнести Интернешнл, ги повика земјите членки на ЕУ да реагираат на влошената состојба со човековите права во Унгарија, јави дописничката на МИА од Брисел.
Додека Европскиот Парламент денеска во Стразбур повторно дебатираше за ситуацијата во Унгарија, каде состојбата се влошува, Амнести уште еднаш потсетува дека Парламентот веќе гласаше пред четири години за активирање на членот седум од Повелбата на ЕУ против Будимпешта. Членот 7 се активира само ако го одобрат и Парламентот и Советот на ЕУ, и резултатот е суспендирање на правото на глас на обвинетата држава.
Но, за сега Советот на ЕУ, каде заседаваат земјите членки на ЕУ, не реагирал на барањето на Парламентот.
Амнести Интернешнл повторува дека Парламентот го вклучи алармот пред четири години поради кризата со човековите права во оваа земја, од тогаш ништо не е преземено од страна на земјите на ЕУ, а ситуацијата постојано се влошува. Под напад се судството, правата на жените, азилантите, ЛГБТ заедницата, преку низа закони и мерки во Унгарија.
Европскиот Парламент утре ќе усвои уште еден извештај за Унгарија во кој ќе бидат набројани сите кршења на темелните права.
- ЕУ мора да продолжи да ги користи сите политички, законски и финансиски мерки на располагање за да го стопира кршењето на човековите права во Унгарија. ЕУ и нејзините земји членки не смеат да се задоволат со козметички мерки воведени за да се добијат фондовите на ЕУ. Реална промена е потребна за да се гарантира вистинско почитување на човековите права и владеењето на правото, во согласност со темелните вредности на ЕУ, изјави Ив Геди, директорка на ЕУ канцеларијата на Амнести Интернешнл. тм/паг/