• понеделник, 23 декември 2024

Американски суд дозволи заплена на авиони на Абрамович

Американски суд дозволи заплена на авиони на Абрамович
Вашингтон, 7 јуни 2022 (МИА) - Американски суд дозволи заплена на два авиона во сопственост на рускиот олигарх Роман Абрамович. Како причина, го наведе кршењето на забраната за извоз и американските санкции воведени против Русија, соопшти Министерството за правда на САД. Федерален судија во Њујорк ја одобри заплената побарана од федералните агенти. Се работи за авиони тип „Боинг 787-9“и „Гулфстрим Г650ЕР“, чија вредност се проценува на повеќе од 410 милиони американски долари. Авионите се во сопственост и под контрола на рускиот милијардер и поранешен сопственик на фудбалскиот клуб „Челзи“. Американскиот суд обвинува дека двата авиона во март се увезени во Русија од трети земји. „Боингот“ сега се наоѓа во Обединетите Арапски Емирати, а „Гулфстримот“ е во Русија. Медиуми пишуваат дека нејасно е како американските власти ќе ги запленат авионите. Но, со пресудата, во иднина ќе се отежнат меѓународни патувања со тие авиони. Американските власти побараа и парична казна за сопственикот. Абрамович е еден во низата руски милијардери погодени со санкции поради руската инвазија во Украина. бд/сд/

Остани поврзан