Алкалоид уште еднаш подобар од Клаипеда
- Ракометарите на Алкалоид по втор пат славеа победа над Драгунас Клаипеда. Попладнево македонскиот тим беше поуспешен во Литванија со 37:31 и со тоа ги потврди убедливите 11 голови предност од првиот меч одигран во Скопје.
Клаипеда, 26 октомври 2024 (МИА) – Ракометарите на Алкалоид по втор пат славеа победа над Драгунас Клаипеда. Попладнево македонскиот тим беше поуспешен во Литванија со 37:31 и со тоа ги потврди убедливите 11 голови предност од првиот меч одигран во Скопје.
На дуелот од 2.коло во квалификациите за Европскиот куп, Алкалоид одлично го почна натпреварот и по само осум минути игра водеше со (2:8). Во три наврати во првото полувреме имаше плус 9, а на полувреме заминаа со водство од четири голови (17:21).
Во 40. минута домаќините се доближија на само два гола разлика (24:26), но македонскиот тим зголеми на интензитет и повторно отиде на пет гола предност (25:30) на 15 минути пред крајот. Следуваше рутинирана завршница и сигурна победа за избраниците на тренерот Кирил Лазаров.
Со седум голови најефикасен во победничкиот тим беше Мартин Серафимов, по шест постигнаа Марко Митев и Арно Бинго.
Ова е прва победа за Алкалоид на гостински терен во евро-куповите. зс/
Фото: РК Алкалоид