• сабота, 23 ноември 2024

Алити очекува ново законско решение за Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги до крајот на април

Алити очекува ново законско решение за Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги до крајот на април

Скопје, 25 јануари 2023 (МИА) - Министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити очекува до крајот на април да се дојде со ново законско решение за Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

- За Законот за аудио и адуиовизулени медиумски услуги кој е во нашето Министерство, а кое треба да се усогласи со директивата на ЕУ за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од 2018 година е формирана група на експерти со поддршка од канцеларијата на Европската Комисија во Скопје, и таму имаме експерти од надвор, локални експерти, како и од нашето министерство. Заедно работат и како таргет рок ни е до крај на април да дојдеме со ново законско решение, изјави Алити пред почетокот на настанот за јавно претставување на ЕУ проектот „ЕУ за слободата на изразување: усогласување на националното законодавство за медиуми со правото на ЕУ и европските медиумски стандарди”.

Нивниот пристап, како што вели министерот, е повеќе барањата да дојдат од експертите, медиумската фела и затоа системот, посочи, е многу инклузивен.

- Сакаме сите барања да ни дојдат од самите експерти и од медиумите, така што кога ќе имаме финализиран драфт, а тоа ќе биде можеби до крај на март, ќе имаме неколку јавни дебати каде ќе видиме дали нешто треба допонлтелно да се додаде, рече Алити.

Во однос на член 112 од Законот, Алити рече дека нема финален став, бидејќи во тој дел мислењата на новинарите се поделени.

- Не сме изградиле се уште финален став за тоа, но и тоа е еден дел од работата на експертите да проверат како е ова практика во други држави и кои би биле последиците кај нас ако менуваме, така што на крај навистина ако се менува нешто во тој дел ќе се менува само ако има добри аргументи, рече Алити.

Алити, одговарајќи на новинарско прашање истакна дека како Министерство се против етикетирање на медиумите.

- Како Министерство ги поддржуваме медиумите и сме апсолутно против етикетирање на медиумите. Ако некој човек што е на позиција ја злоупотребува позицијата против медиумите тоа не е карактеристика на демократско општество, така што затоа и кога правиме ажурирање на закноите се трудиме тој дел да можеме што повеќе механизми и инструменти да имаме за да може медиумтие да си ја завршат својата работа без притисоци или проблеми од политичарите, олигарсите итн., нагласи Алити. мс/нд/

Остани поврзан