Актуелниот претседател Аласан Уатара убедливо води на изборите во Брегот на Слоновата Коска
- „Прелиминарните резултати покажуваат дека актуелниот претседател, Уатара, е во водство, со што го прогласуваат за победник на овие претседателски избори“, се наведува во соопштението на Бијон со кое му честиташе на 83-годишниот претседател.
Абиџан, 27 октомври 2025 (МИА) - Поранешниот министер за трговија на Брегот на Слоновата Коска, Жан-Луј Бијон, синоќа го призна поразот на претседателските избори и му честиташе на актуелниот претседател Аласан Уатара, откако делумните резултати покажаа негово убедливо водство на голем број места.
Бијон беше еден од четворицата кандидати на опозицијата кои се натпреваруваа против Уатара, поранешниот заменик-управен директор на Меѓународниот монетарен фонд, кој се кандидираше за четврти мандат.
Бијон не успеа да ја обезбеди поддршката од опозициската Демократска партија на Брегот на Слоновата Коска (PDCI), предводена од Тијан Тиам, поранешниот директор на Кредит Свис, кој беше прогласен за неподобен за учество на изборите.
„Прелиминарните резултати покажуваат дека актуелниот претседател, Уатара, е во водство, со што го прогласуваат за победник на овие претседателски избори“, се наведува во соопштението на Бијон со кое му честиташе на 83-годишниот претседател.
Уатара се сметаше за голем фаворит во изборната трка, која помина без поголеми инциденти.
Поранешниот потпретседател на Меѓународниот монетарен фонд ја презеде власта по конфликтот предизвикан од одбивањето на тогашниот претседател Лоран Гбагбо да признае пораз на изборите во 2010 година.
Оттогаш, земјата, која е најголемиот светски производител на какао, бележи стабилен економски раст и стана еден од водечките економски центри на Западна Африка.
Уатара ја темели својата кампања на економски успеси и инвестиции во инфраструктура.
Неговите главни изборни ривали, меѓу кои и поранешната прва дама Симон Гбагбо (76) и поранешниот министер за трговија Жан-Луј Бијон (60), имаат ограничена поддршка.
Околу осум милиони граѓани имаат право на глас, а прелиминарните резултати се очекуваат во рок од пет дена.сд/
фото:ФБ