• понеделник, 23 декември 2024

Активни 14.998 ковид случаи, надлежните апелираат до граѓаните да се вакцинираат

Активни 14.998 ковид случаи, надлежните апелираат до граѓаните да се вакцинираат
Скопје, 4 септември 2021 (МИА) - Бројот на активни ковид случаи во државава изнесува 14.998 од кои најголем број 6025 се во Скопје, а 1913 се во Тетово. Во Гостивар има 1107 активни ковид случаи, во Куманово 946 случаи, Струмица - 690, Кичево- 612, Струга - 582, Охрид-510, Прилеп-280, Дебар - 239... Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, регистрирани се 722 нови случаи со Ковид-19, 26 починати и 574 оздравени пациенти. Досега во земјата се направени вкупно 1.175.766 тестирање на Ковид-19. Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 178.879, бројот на оздравени пациенти е 157.868, а на починати е 6.013. Министерството за здравство вчера соопшти дека во периодот од 6 август до 2 септември, во земјава се евидентирани 22.416 граѓани позитивни на Ковид-19, од кои 18 отсто биле целосно вакцинирани, односно 4191 лице, а 18.225 граѓани, односно дури 81 отсто не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 87 отсто, додека само 13 отсто од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. -Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од четири седмици на територија на државата починале 480 лица со Ковид 19, 429 пациенти или 89 отсто од починатите не биле вакцинирани, а само 51 или 10 отсто примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања, информираа од Министерството за здравство. Заразените и починатите, како што се посочува, се вакцинирани со вакцини што ги има на располагање кај нас, како и вакцини „Модерна“ и „Џонсон“, кои некои од пациентите ги примиле во странство. За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина. Од Министерството потенцираат дека за време на четвртиот ковид бран, во период од јули до крајот на август, епидемиолошките анализи покажуваат дека најголема смртност кај пациенти со Ковид-19 имало во градовите каде имало најнизок процент на вакцинирано население. – Во градовите како Гевгелија, Кавадарци, Ресен и Берово каде опфатот со вакцинација е меѓу 54-61 процент, бројот на починати е најмал, односно има по еден починат. Тетово го пречека бранот само со 19 отсто вакцинирани граѓани во јули, таму имаше најголем притисок врз болниците, најголем број хоспитализирани пациенти и најголем број смртни случаи, 106 до крај на август. Последните недели драстично е зголемен интересот за вакцинација во Тетово и изнесува речиси 37 проценти. Слична е состојбата и во Гостивар каде, исто така, имаше мал опфат на вакцинирано население. Во овој град опфатот на вакцинирани полнолетни граѓани до крај на август е под 30 проценти, а бројот на починати со ковид е 73, информираат од Министерството. Укажуваат на важноста на вакцинација и посочуваат дека секоја вакцина која ја има на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход. - Да се отфрлат сите заблуди во врска со вакцините и да се придвижиме кон фактите и кон реалните докази кои всушност ни покажуваат колку тие се значајни и ефикасни. Граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2. Целта е да го победиме вирусот, а тоа ќе го направиме само со масовна имунизација на целокупното население. Само на овој начин можеме да живееме повторно слободно, без ограничувања и без рестрикции, посочуваат од Министерството. Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. Заклучно со завчера вакцинирани се вкупно 737.060 граѓани. Прва доза вакцина завчера примиле 3.475 граѓани, а само завчера вкупно се вакцинирале 13.037 граѓани. Во државата досега вкупно се аплицирани 1.292.383 дози вакцини, а ревакцинирани се 555.322 граѓани. – Со последните бројки 53 проценти од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина и 29 отсто од населението над 18-39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, додаваат од Министерството за здравство. Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата, додека децата од 12 до 18 годишна возраст се вакцинираат со согласност од родител. рп/ац/  

Остани поврзан