• недела, 22 декември 2024

Азески на Бизнис форумот во Берлин, во рамки на Берлинскиот процес

Азески на Бизнис форумот во Берлин, во рамки на Берлинскиот процес

Скопје, 20 септември 2024

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија и заменик-претседател на Коморскиот инвестициски форум Бранко Азески следната недела, на 24 септември во Берлин, Германија, ќе биде говорник на Бизнис форумот кој се одржува во рамки на Берлинскиот процес на тема „10 години Берлински процес - Западниот Балкан како економска област на патот кон ЕУ“, и ќе биде дел од состанокот на министрите за економија на Западен Балкан, кој ќе се одржи по завршувањето на Бизнис Форумот.

 

Бизнис форумот оваа година се фокусира на две клучни теми - Заедничкиот регионален пазар и на подобрување условите за инвестирање, како и на енергетската и климатската акција со посебен фокус на ефектите на Механизмот за регулирање на прекуграничните емисии на јаглерод (Carbon Border Adjustment Mechanism – CBAM). Азески ќе има свое обраќање со осврт на зелената трансформација како потенцијал за економиите од западен Балкан.

 

Настанот ќе го отвори Роберт Хабек, германски вицеканцелар и министер за економски прашања и климатски акции, а учество на Бизнис форумот, покрај Азески ќе имаат и шетмината министри за економија од Западен Балкан.

Берлинскиот процес е дипломатска иницијатива за меѓувладина соработка, насочена кон ревитализација на мултилатералните врски помеѓу Западен Балкан и дел од земјите-членки на ЕУ, како и за подобрување на регионалната соработка на Западен Балкан за прашањата на инфраструктурата и економскиот развој, покренат под покровителство на канцеларката Ангела Меркел.

Берлинскиот процес се одвива со поддршка на Европската комисија, меѓународните финансиски институции и земји-членки на ЕУ кои се вклучени во процесот – Австрија, Бугарија, Германија, Грција, Италија, Обединетото Кралство, Полска, Словенија,  Франција  и Хрватска.

Со годинешниот самит во Берлин ќе се заокружи десетгодишниот циклус на оваа иницијатива.

Стопанска комора на Северна Македонија

Кабинет на претседател

_______________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

фото: Стопанска комора на Северна Македонија

Остани поврзан