• сабота, 22 март 2025

Аеродромот Хитроу објави дека ќе продолжи денеска со работа

Аеродромот Хитроу објави дека ќе продолжи денеска со работа

Лондон, 21 март 2025 (МИА) - Британскиот аеродром Хитроу соопшти дека ќе започне со процесот на повторно отворање денеска, откако пожар ја прекина струјата и го принуди најпрометниот аеродром во Европа да се затвори.

Хитроу е петти најфреквентен аеродром во светот и беше принуден да ја прекине работата откако синоќа пожар зафати трафостаница во близина на аеродромот.

-Нашите тимови неуморно работат по инцидентот за да обезбедат брзо закрепнување. Сега сме во состојба безбедно да ги продолжиме летовите, давајќи им приоритет на репатријацијата и трансферот на авиони, се вели во соопштението на аеродромот објавено на „Х“. „Се надеваме дека целосно ќе ги обновиме операциите утре и наскоро ќе обезбедиме дополнителни информации. Наш приоритет останува безбедноста на нашите патници и персоналот на аеродромот. Се извинуваме за непријатностите предизвикани од овој инцидент“, се додава.

Антитерористичка единица на полицијата учествува во истрагата за причините за пожарот. Британскиот премиер Кир Стармер денеска соопшти дека е во контакт со властите на терен и редовно добива ажурирања за пожарот во електричната трафостаница Норт Хајд, поради кој најголемиот британски аеродром Хитроу беше затворен. мс/

фото: Принтскрин „Х“

Остани поврзан