„Адора инженеринг“: Не сме вклучени во производството и испораката на топлинска енергија, обврската во овој момент е целосно на БЕГ
- „Адора инженеринг ДООЕЛ Скопје“ на никаков начин не е вклучена во оперирањето со производството и испораката на топлинска енергија во градот Скопје и нема никакво влијание и контрола врз квал
Скопје, 10 јануари 2022
„Адора инженеринг ДООЕЛ Скопје“ на никаков начин не е вклучена во оперирањето со производството и испораката на топлинска енергија во градот Скопје и нема никакво влијание и контрола врз квалитетот на истата. По реакциите на граѓаните за квалитетот при испораката на топлинска енергија во градот Скопје, сакаме да ја информираме јавноста дека „Адора инженеринг“ нема никакви ингеренции и улога во производството и испораката на топлинска енергија, а со тоа и во настанатата ситуација. Впрочем, иако „Адора инженеринг“ на јавна лицитација ги купи топланите Исток и Запад, во моментов лиценциран производител на топлинска енергија во главниот град е „Производство на топлина - Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје“ (БЕГ).
Групацијата „БЕГ АД Скопје“ ги оперира и е одговорна за квалитетно производство и испорака на топлинска енергија во градот Скопје. Лиценцирани компании кои го снабдуваат градот Скопје со топлинска енергија се компаниите од групацијата „БЕГ АД Скопје“, која е единствен правен субјект кој го менаџира производството, дистрибуцијата и снабдувањето со топлинска енергија во главниот град.
Сакаме да потенцираме дека во овој момент, „Адора Инженеринг“ и БЕГ немаат воспоставено никаков партнерски однос. „Адора инженеринг“ во септември 2021 година ги купи од „Топлификација АД во стечај“, топланите Исток и Запад и основните средства за производство на топлинска енергија. До денешен ден, овие основни средства не се предадени на „Адора инженеринг“ и со нив управува „Производство на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ“, фирма ќерка на групација „БЕГ АД Скопје“.
До овој момент БЕГ нема партнерски однос за топланите со „Адора инженеринг“, иако законот е дециден дека купувањето на имот во стечај наметнува нови партнерски договори со новиот сопственик, „Адора инженеринг“.
Производството на топлинска енергија е регулирана дејност за јавно добро на граѓаните, каде што еден од основните услови за добивање лиценца за
производство на топлинска енергија е да си сопственик на топланите и основните средства за производство на топлинска енергија или да имаш договор за закуп на истите.
„Адора инженеринг“ од институциите на државата очекува правна заштита во насока на разрешување на моменталните и идни партнерски односи со корисникот на топланите и компетентните институции на државата, под чија надлежност е оваа регулирана дејност, при тоа почитувајќи ги сите законски прописи со што ќе се овозможи заштита на вложениот домашен капитал, зачувување на јавниот интерес и подобрување на условите кон корисниците.
„Адора инженеринг“ се надева дека настанатата ситуација ќе има благовремена разрешница, а сè во интерес на јавното добро и на граѓаните.
„Адора инженеринг“
___________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.