• петок, 05 декември 2025

Адеми: Со изјавата за исчезнување на ДУИ од политичката сцена, Мицкоски „ја отвори вратата на пеколот“

Адеми: Со изјавата за исчезнување на ДУИ од политичката сцена, Мицкоски „ја отвори вратата на пеколот“

Скопје, 16 септември 2025 (МИА) – Потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми, денеска на прес-конференција му одговори на премиерот Христијан Мицкоски кој вчера рече дека целта на овие избори  е да исчезне ДУИ од политичката сцена, дека „со оваа изјава ја отвори вратата на пеколот кој му следи на 19 октомври“.

-Мицкоски треба да знае дека Албанците сами бираат кој ги претставува и дека со овие изјави ја отвори вратата на пеколот кој му следи на 19 октомври. На 19 октомври неговите пудлици од Вреди ќе претрпат страотен пораз. На 19 октомври Мицкоски ќе ја дознае моќата и поривот на Албанците да не трпат наметнати решенија. Еднаш вака згреши Заев, истата грешка ја прави и Мицкоски, нагласи Адеми.

Според него, кога Мицкоски вели „ДУИ да исчезне”, тој вели дека Албанците немаат право сами да одлучуваат кој ќе ги претставува.

-Тој вели дека е време некој друг, поточно тој да одлучи кој е прифатлив Албанец, кој може да седи на масата, а кој не. Тоа е обид за политичко чистење кое опасно ќе му се удри по глава. На 19 октомври, сите Албанци ќе одговорат на повикот на Мицкоски, но со масовно гласање. Ќе му одговорат со демократија, со гласот и со волјата на народот. истакна Адеми.

Тој го обвини Мицкоски дека сака да ја контролира албанската политичка сцена и да ги понижи Албанците, како и дека е под влијание на „српскиот свет“. Потпретседателот на ДУИ нагласи дека оваа идеолошка платформа е опасна и дека Мицкоски нема за цел победа на избори, туку политичко чистење на Албанците од јавниот и политичкиот живот во Македонија.

Адеми додаде дека албанскиот народ ќе ги избере своите претставници, не Мицкоски, и дека ќе даде силен отпор на неговите намери на изборите на 19 октомври. Според него, ДУИ ќе остане гласот на Албанците кој нема да дозволи политичка маргинализација. бк/са/

фото: МИА архива

Остани поврзан