• четврток, 21 ноември 2024

АВМУ: Речиси сите телевизии го почитуваа принципот за еднаков третман на кандидатите за претседател

АВМУ: Речиси сите телевизии го почитуваа принципот за еднаков третман на кандидатите за претседател

Скопје 2 мај 2024 година

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денес го објави извештајот за начинот на известување на радиодифузерите во првиот круг од изборната кампања за Претседателските избори, во периодот од 4 до 22 април 2024 година. Со мониторингот беа опфатени 13 програмски сервиси – националните комерцијални телевизии Алсат-М, Алфа, Канал 5, Сител, Телма, 24 Вести, 21-М, Шења, Клан Македонија и Сонце и програмските канали на Јавниот сервис – МРТ 1, МРТ 2 и Собранискиот канал.

Наодите од мониторингот покажаа дека речиси сите телевизии во вестите го почитуваа принципот за еднаков третман при изборното медиумско претставување на кандидатите за претседател на државата. Активностите за претседателската кампања кај сите телевизии беа одвоени во посебна информативна рубрика каде што се прикажуваа поенти извлечени од обраќањата на кандидатите пред гласачите. Само Првиот програмски сервис на Македонската радио телевизија и ТВ 24 Вести направија интервјуа со сите седуммина кандидата за претседател на државата.

Во однос на дебатите, единствено МРТ 1 успеа да организира дебатно соочување на кое присуствуваа сите седуммина кандидати за претседател на државата. 

Од аспект на аудиовизуелниот квалитет на известувањето за претседателската кампања, поради недостиг од ажурна дописничка мрежа, екипирана со воедначени продукциски стандарди, редакциите беа принудени да адаптираат аудиовизуелен изборен материјал доставен или од комуникациските/маркетиншките тимови на кандидатите за претседател на државата или од нивните официјални профили на социјалните мрежи што беше очигледно од применетиот начин на снимање/кадрирање, од сценографската/амбиенталната поставка за изборното претставување и од дополнителната графичка обработка на медиумски презентираниот аудиовизуелен материјал. 

Со исклучок на ТВ Клан Мацедониа која спротивно на Изборниот законик не обезбеди информирање за изборниот процес во формат достапен за лицата со попреченост, сите програмските сервиси опфатени со мониторингот обезбедија секојдневно едно издание на централните ТВ дневници и неделно едно издание на актуелно-информативна емисија со титлување или со превод на знаковен јазик за лицата со сетилна попреченост. 

Извештајот за начинот на известување на радиодифузерите во првиот круг од изборната кампања за Претседателските избори 2024 година е достапен на линкот.

 

Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ)

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан