• петок, 22 ноември 2024

Авиокомпанијата „Емирати“ забрани пејџери и воки-токи по нападите во Либан

Авиокомпанијата „Емирати“ забрани пејџери и воки-токи по нападите во Либан

Дубаи, 5 октомври 2024 (МИА) - Авиокомпанијата „Емирати“ од Дубаи забрани на патниците да носат пејџери и воки-токи на своите летови, откако минатиот месец беа детонирани уреди користени од либанската група Хезболах.

„На сите патници кои патуваат кон, од или преку Дубаи им е забрането да пренесуваат пејџери и воки-токи во пријавениот или рачниот багаж“, се наведува во соопштението на авиокомпанијата објавено на нејзината веб-страница.

Се додава дека сите забранети предмети ќе бидат запленети од полицијата на Дубаи како дел од засилените безбедносни мерки.

Илјадници пејџери и радио уреди кои ги користеле припадници на Хезболах експлодираа во септември. Се верува дека за нападот е одговарен Израел, иако тој не презеде одговорност.

Најголемата авиокомпанија на Блискиот Исток исто така објави дека летовите за Ирак и Иран остануваат суспендирани до вторник, додека летовите за Јордан ќе бидат обновени утре.

Летовите за Либан ќе останат суспендирани до 15 октомври поради ескалацијата на израелските напади врз Хезболах, вклучувајќи напади во близина на аеродромот во Бејрут.

Неколку други авиокомпании исто така ги суспендираа летовите за Бејрут и други регионални аеродроми поради зголемените тензии. ссм/

фото: архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан