• четврток, 17 септември 2026

Струмичките пожарникари по пријава на родители „спасувале“ малолетно девојче од стан на четврти кат кое неколку часови не се јавувало

Струмичките пожарникари по пријава на родители „спасувале“ малолетно девојче од стан на четврти кат кое неколку часови не се јавувало

Струмица, 16 септември 2026 (МИА) - На улицата „4 Јули“ во Струмица, во зграда на четврти кат, вечерва пожарникарите од ТППЕ Струмица учествуваа во една малку поинаква, но за родителите особено вознемирувачка акција, објавија струмичките пожарникари.

Имено, откако малолетното девојче неколку часа не одговарало ниту на телефонските повици, ниту на ѕвонењето на вратата, родителите побарале помош од ТППЕ Струмица.

-Со помош на авто-скалата, пожарникарите се искачија до терасата, по што беше овозможено отворање на вратата и влегување во станот, а таму наместо опасност ги дочека една сосема неочекувана глетка. Девојчето било безбедно и едноставно спиело во длабок сон, не слушајќи ги ниту телефонските повици, ниту ѕвонењето на вратата, се наведува во објавата на ТППЕ Струмица.

Се додава дека за пожарникарите можеби ова било необична интервенција, но за родителите огромно олеснување.рт/вј/

Фото: принтскрин видео ТППЕ Струмица

Можно е и ова да ти се допаѓа