• петок, 18 септември 2026

Почна санацијата на оштетените коловози на повеќе локации во Куманово

Почна санацијата на оштетените коловози на повеќе локации во Куманово

Куманово, 15 септември 2026 (МИА) - Во тек се активности за крпење на ударни дупки и прекопи на повеќе локации на територијата на Општина Куманово, информираат надлежните. Активности се спроведуваат во село Тромеѓа, локалитет Стари лозја, како и крстосницата помеѓу улиците „Тоде Думба“ и „Биљановска“.

- Продолжуваме со активности за санирање на оштетувањата на коловозите за побезбедно и непречено одвивање на сообраќајот-објави градоначалникот Максим Димитриевски.

Во тек е санација на коловозна лента на дел од улица „ЈНА“, од булеварот „Трета МУБ“ кон улица „Благој Илиев Гуне“. Според објавата на електронскиот систем за јавни набавки за санација и крпење на ударни дупки од општинскиот буџет одвоени се близу 15 милиони денари со вклучен данок на додадена вредност. Граѓаните од повеќе населби бараат санација на улиците.

Градоначалникот на општина Куманово, Димитриевски претходно најави дека во наредниот период ќе се реализираат триесетина проекти. Дел ќе се довршат, дел ќе почнат со реализација. ам/вг/

Фото Општина Куманово