Во Музеј галерија Кавадарци отворена изложба на дела од ликовниот уметник Амер Хаџиќ
- Изложба на дела од ликовниот уметник Амер Хаџиќ беше отворена вечерва во Музеј галеријата во Кавадарци. Директорот на музејот, Јаким Зимоски рече дека љубителите на уметноста имаат чест да ги видат делата на овој босански уметник, токму во годината кога оваа културна установа слави 50 години од своето постоење. Во присуство на бројни љубители на уметноста од земјава и странство, тој се заблагодари за поддршката што ја добиваат од локалната самоуправа во организирањето бројни културни настани. Притоа подвлече дека е ова прва самостојна изложба на овој автор, во нашата земја.
Кавадарци, 21 август 2026 (МИА) - Изложба на дела од ликовниот уметник Амер Хаџиќ беше отворена вечерва во Музеј галеријата во Кавадарци. Директорот на музејот, Јаким Зимоски рече дека љубителите на уметноста имаат чест да ги видат делата на овој босански уметник, токму во годината кога оваа културна установа слави 50 години од своето постоење. Во присуство на бројни љубители на уметноста од земјава и странство, тој се заблагодари за поддршката што ја добиваат од локалната самоуправа во организирањето бројни културни настани. Притоа подвлече дека е ова прва самостојна изложба на овој автор, во нашата земја.
Зорица Ташковска Илова, кустос-историчар на уметност во Локален музеј-галерија Кавадарци, рече дека творештвото на Хаџиќ се движи на границата меѓу реалноста и замисленото, меѓу препознатливиот свет и неговата визуелна трансформација.
- Авторот создава необични и впечатливи сцени во кои препознатливите ликови од популарната култура како Снупи, Супер Марио, Мики Маус, Гарфилд, се појавуваат во сосема нов и неочекуван свет. Ликовите што ги поврзуваме со детството, играта и забавата, овде добиваат поинаква улога. Стануваат учесници во еден современ свет исполнет со прашања, поделби, ограничувања и секојдневни човечки ситуации. Преку нив авторот внесува хумор и иронија, но истовремено отвора и посериозни прашања за поделбите, комуникацијата, слободата и начинот на којшто го доживуваме светот околу нас - истакна таа.
Пред присутните се обрати и уметникот, кој доби благодарница, изразувајќи задоволство од гостувањето во Кавадарци. свд/вј/
Фото: МИА