• e diel, 23 shkurt 2025

Швајцарија: Протести и приведувања во градот каде што живее лидерката на АфД

Швајцарија: Протести и приведувања во градот каде што живее лидерката на АфД

Женева, 22 февруари 2025 (МИА) - Пет лица се приведени на маргините на протест што денеска се одржа во швајцарскиот град Ајнзиделн, каде што живее Алис Вајдел, копретседателката на германската десничарска партија Алтернатива за Германија (AfD), соопшти полицијата.

Протестот, одржан со претходно добиена дозвола, беше насочен против политичкото зајакнување на крајната десница.

На настанот се појавија и контрадемонстранти, кои одговорија на повици на социјалните мрежи, јави ДПА.

Полицијата пријави провокации и турканици, но спречи ескалација на ситуацијата. Петтемина приведени носеле забранети предмети или не ги почитувале наредбите на полицијата.

Полицијата, која распредели голем број службеници, соопшти дека околу 250 лица учествувале во протестот против крајната десница, додека неколку стотици биле дел од контрапротестот.

- Се бориме за свет со различност и без фашизам, изјави говорник од коалицијата „Алијанса против десницата“ на собирот. Еден транспарент гласеше: „Вајдел, оди си“.

Контрадемонстрантите ги исвиркаа и навредуваа учесниците на протестот, а некои извикуваа пароли во поддршка на АфД.

Нема информации дека Алис Вајдел била присутна на протестите.

Нејзината сопруга, која е швајцарска државјанка, живее во Ајнзиделн со нивните две деца, кои заедно ги одгледуваат. Вајдел потврди дека има и живеалиште во германскиот град Уберлинген, покрај Боденското Езеро.

Ајнзиделн се наоѓа околу 45 километри јужно од Цирих. ссм/

фото: ЕПА

 

QËNDRONI TË LIDHUR