Во Албанија утре, првпат како претседател на ОАР, доаѓа шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан
- По првпат во Албанија како претседател на Обединетите Арапски Емирати, утре доаѓа шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, заедно со голема делегација, објави премиерот Еди Рама преку видеозапис на Фејсбук.

Тирана, 22 февруари 2025 (МИА) - По првпат во Албанија како претседател на Обединетите Арапски Емирати, утре доаѓа шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, заедно со голема делегација, објави премиерот Еди Рама преку видеозапис на Фејсбук.
Опишувајќи го како еден од најдобрите партнери на Албанија и негов голем и драг пријател, Рама спомена дел од придонесите што ги има дадено за земјата.
-Утре имаме многу посебна посета. Шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, стар пријател на Албанците и лично мој голем и драг пријател, за првпат е во посета на Албанија како претседател на Обединетите Арапски Емирати. Тој слета во Албанија претходно во 1999 година, на пистата на аеродромот во Кукс, која ја поплочи неговиот татко, основачот на ОАР, како поддршка на насилно раселените браќа и сестри од Косово, рече Рама.
Во тоа време, додава, донесоа огромна помош, на таа специјално поплочена писта.
-Претседателот на ОАР, кој утре ќе не удостои со посетата, доаѓа по стапките на татко му. Посетата на претседателот на Емиратите и еден од најпочитуваните лидери во светот денес, означува многу важна пресвртница на патот на пријателството и партнерството кое е многу зајакнато во последните години, вели Рама.
Додава дека Бин Зајед бил најголемиот донатор по разорниот земјотрес во Драч, дека го промовирал договорот за туристичкото пристаниште Драч и бил клучен во трилатералниот договор со Италија за подводно енергетско поврзување. вт/
Фото: принтскрин