Русија ја означи панк-групата „Пуси рајот“ како екстремистичка организација
- Панк-рок-групата постојано му се спротивставуваше на Владимир Путин преку своите уметнички настапи.
Москва, 15 декември 2025 (МИА) - Русија го означи женскиот панк-состав „Пуси рајот“ како екстремистичка организација, објави московскиот Окружен суд на Басмани, на Телеграм. Според пресудата, „на групата ѝ е забрането да дејствува“ во Русија.
Панк-рок-групата постојано му се спротивставуваше на Владимир Путин преку своите уметнички настапи. Светска слава стекна во 2012 година, со „панк-молитва“ во храмот „Христос Спасител“ во Москва, при што девојките на бендот ја повикаа Дева Марија да го собори рускиот претседател од власт. Како резултат на тоа, две од членовите на групата завршија во казнена колонија. Одлуката на Судот да ги прогласи „Пуси рајот“ за екстремистичка организација беше очекувана од музичарките.
„Овие идиоти работат на ова со години, барем од 2012 година“, напиша Надја Толоконикова на X-профилот на групата, која беше во казнената колонија поради панк-молитвата против Путин.
„Законот е донесен за да се избришат 'Пуси рајот' од умовите на руските граѓани“, објави групата на Фејсбук претходно овој месец.
Голем дел од членовите на „Пуси рајот“ се осудени за нивниот активизам и сега живеат во егзил. Сите тие се спротивставуваат на руската офанзива врз Украина. Сега панк-групата изразува и загриженост за безбедноста на своите поддржувачи, кои не можат да ја напуштат Русија или избрале да останат и живеат таму.
Во 2021 година, Марија Аљохина од групата, на која ѝ се заканува казна, ја напушти земјата нелегално, преправена како доставувач на храна. си/ми/
Фото: ЕПА