• e martë, 16 dhjetor 2025

Малолетник уби едно дете во напад со нож во училиште во Русија, неколкумина повредени

Малолетник уби едно дете во напад со нож во училиште во Русија, неколкумина повредени

Москва, 16 декември 2025 (МИА) - Сериозен и трагичен инцидент се случил во училиште во Московскиот регион утрово кога малолетник со нож нападнал луѓе во образовната институција. Петнаесет-годишник е уапсен во селото Горки, во близина на Москва, откако е осомничен за убиство на десет-годишно момче. Тешко ранил уште тројца ученици и еден обезбедувач, во напад врз училиште.

Според достапните информации, тинејџерот Т.К. е ученик во деветто одделение во училиштето. Тој го започнал нападот така што дошол вооружен, прво го испрскал обезбедувањето со спреј, а потоа го прободел со нож. Потоа влегол во училиштето и почнал да ги напаѓа децата.

Медиумите известуваат дека напаѓачот имал фантомка на главата и носел бела маица со црн натпис „Ниеден живот не е важен“. Сè уште не е познато дали ги нападнал децата случајно или имал однапред одредени цели.

Едно момче починало од повредите, додека уште тројца ученици биле тешко повредени. По нападот, кога полицијата веќе била во училиштето, осомничениот зел едно дете како заложник и се заклучил во училница со него, држејќи нож на вратот. Полицијата успеа да ја скрши вратата и да го совлада пред да се случат дополнителни повреди.

Напаѓачот се снимил себеси како носи нож и напаѓа.

На социјалните мрежи се појавија снимки на кои се гледа како целосно опремени полицајци го приведуваат осомничениот и го ставаат во патролно возило. Голем број полициски патролни возила и амбулантни возила се на местото на настанот.

Според неофицијални информации, во куќата на момчето се пронајдени предмети што укажуваат дека нападот бил планиран, а наводно се откриени и импровизирани експлозивни направи. мс/сд/


 
 фото: Принсткрин

QËNDRONI TË LIDHUR