• e enjte, 02 prill 2026

Продуцентката Марија Димитрова нова претседателка на Друштвото на филмски работници на Македонија

Продуцентката Марија Димитрова нова претседателка на Друштвото на филмски работници на Македонија

Скопје, 2 април 2026 (МИА) - Продуцентката Марија Димитрова е избрана за нова претседателка на Друштвото на филмски работници на Македонија, кое соопшти дека на годишното редовно собрание на ДФРМ членовите со мнозинство изгласале мандат од четири години на Димитрова. 

За нов претседател на Друштвото имаше двајца кандидати, противкандидат на Димитрова беше Мартин Иванов, искусен филмски монтажер, кој во кариерата монтирал филмови од различни формати и жанрови.

-Новата претседателка, Марија Димитрова, доаѓа на оваа функција со богато професионално искуство и достигнувања во продукцискиот дел на филмската уметност. Димитрова е дипломиран продуцент на Факултетот за драмски уметности – Скопје и дипломиран инженер по информатика од Природно-математичкиот факултет – Скопје. Со филмска продукција активно се занимава од 2013 година и зад себе има богато искуство во создавање пократки и долгометражни филмови. Во периодот 2014–2025 година, Димитрова работела на 16 кратки играни и документарни филмови, прикажувани на престижни светски фестивали, меѓу кои Санденс, Хоџ Догс, Талин – Black Nights, Сараево, со бројни освоени награди, соопшти ДФРМ. 

Во 2016 година Димитрова ја основа „Лист продукција“. Како продуцент на долгометражни филмови, наведува ДФРМ, стои зад три мошне успешни остварувања од македонската кинематографија.

-Филмот „Сестри“ (премиера во Карлови Вари, Специјална награда од жирито, македонски кандидат за Оскар) е филм прикажан на повеќе од 40 фестивали и еден од првите македонски филмови на Netflix. Филмот „Домаќинство за почетници“ кој премиерно беше прикажан на Фестивалот во Венеција, каде ја освои наградата Queer Lion, беше исто така македонски кандидат за Оскар, дистрибуиран од Universal Pictures и Focus Features и е прв македонски филм со глобална дистрибуција. Последниот продуциран филм „Ера“ ја имаше својата премиера во Бруклин, a македонската премиера се одржа на фестивалот Синедејс, каде ја освои наградата за најдобар филм. Димитрова е член на Европската филмска академија, како и на престижните продуцентски мрежи EAVE и ACE Producers. Во 2022 година беше избрана како Producer on the Move на Канскиот филмски фестивал. Член е на ДФРМ од 2018 година, се наведува во соопштението. 

Досегашен претседател на Друштвото на филмски работници, во два мандата, беше Игор Иванов-Изи, истакнат режисер и сценарист, со повеќегодишно професионално искуство во филмската индустрија.

-За време на неговиот мандат ДФРМ ја зајакна својата улога во промоцијата на македонската кинематографија и обезбеди значајни активности за поддршка на филмските професионалци. Под негово водство, Друштвото активно учествуваше во организирањето на националната филмска ревија „Златна рамка“, поттикнувајќи дијалог и видливост за креативните филмски автори и технички професионалци, како и во иницијативи за унапредување на статусот и условите на работа на филмските работници во државата. Со изборот на новото раководство, Друштвото на филмски работници на Македонија продолжува со својата мисија за поддршка, развој и афирмација на македонската кинематографија и филмската професија, информира ДФРМ. хс/дма/

Фото: Друштво на филмски работници на Македонија 

QËNDRONI TË LIDHUR