• e premte, 03 prill 2026

Објавена книгата „Да живее Долна дупка“ со четири комедии од актерот и режисер Коле Ангеловски

Објавена книгата „Да живее Долна дупка“  со четири комедии од актерот и режисер  Коле Ангеловски

Скопје, 2 април 2026 (МИА) - „Да живее Долна дупка“ е насловена книгата на актерот, режисер и сценарист Коле Ангеловски, која содржи четири комедии: „Да живее Долна дупка“, „Аферата ’Рекет’“, „Аферата ’Ладен шприцер’“ и „Птица со главата меѓу нозе“, кои Ангеловски ги напиша во последните десетина години. Приредувач и уредник на книгата е новинарот и публицист Свето Стаменов. 

Две од комедиите во изданието веќе се  поставени на сцените на македонските театри. „Да живее Долна дупка“ во режија на самиот Коле Ангеловски премиерно беше поставена во Театар Комедија минатата година и досега има десетина изведби.

-Оваа комедија, во која ликовите ги играат Горан Ников, Жаклина Стевковска, Роберт Ристов и Јаков Спасов, успева со леснотија и хумор, а сепак жестоко, низ сатирична визура да ги согледа и да ги претстави нашата посттранзициска стварност, општествените аномалии и отсуството на вредностите. „Да живее Долна дупка“, според рецензентот на книгата Горан Смилевски, на извесен начин, е нашиот македонски „Ревизор“. „За ликовите кои живеат во Долна дупка недостижниот Брисел ја има позицијата која за ликовите од зафрлената руска провиниција ја има далечната престолнина, посочува Стаменов. 

Комедијата „Птица со глава меѓу нозе“, исто така во режија на Коле Ангеловски, пак, премиерно беше изведена на сцената на Драмски театар – Скопје во  2021 година, и во актерската екипа се Стефан Вујисиќ, Маја Вељковиќ-Пановска, Благој Чоревски, Ѓокица Лукаревски, Марија Кондовска, Анастас Тановски, Калина Наумовска, Благица Димитровска и Симон Манасковски.

Како што посочува приредувачот на книгата, „Птица со главата меѓу нозе“ говори за растргнатоста на индивидуата меѓу сегашноста и минатото, за пандемијата, економската криза и за социјалните превирања во нашава земја.

-„Аферата ‘Ладен шприцер’“ од комична перспектива ни ги претставува аномалиите на начините на кои се одвива локалната самоуправа, а провокативноста на „Аферата ‘Рекет’“ произлегува од тоа што главните ликови се засновани на главните протагонисти од аферата позната на нашата јавност под истото име, но тоа е само почетна точка за Ангеловски, кој на извонредно комичен начин го развива драмското дејствие. Во сите четири комедии обединети во оваа книга, преку необичните пресврти и извонредно водениот дијалог, Коле Ангеловски успешно им дава драмски облик на актуелностите на нашето време, наведува Стаменов. 

Книгата е збогатена и со триесетина колор фотографии од претставите „Да живее Долна дупка“ и „Птица со глава меѓу нозе“ во Театар Комедија и во Драмскиот театар.

Покрај „Да живее Долна дупка“, Коле Ангеловски е автор е и на книгите „Како Орсон Велс ме бркаше по улиците на Мостар“ (2012) и „Педесет години во Драмски и клоцата во...“ (2019), чиј приредувач и уредник беше исто така Свето Стаменов. Автор е и на ЦД-ром со шеесет театарски текстови, кои  првпат беа преведени на македонски јазик, а повеќето од нив беа реализирани како претстави на сите сцени во Македонија. хс/вј/

Фото: корица на книга 

QËNDRONI TË LIDHUR