Пријавени над 170 автори на Конкурсот за 12. Меѓународен поетски фестивал „Литературни искри“, следи селекцијата
- Откако ќе се извршат оценувањата, заедно со резултатите до крајот на април ќе биде објавено кои од поетите ќе влезат во финалето и ќе бидат номинирани за награди и застапени во заедничката поетска збирка, подвлече координаторката на фестивалот Слаѓана Брезовска
Гостивар, 2 април 2026 (МИА) - Конкурсот за пријавување учесници и творби за 12 издание на Меѓународниот Поетски Фестивал „Литературни искри“ заврши и наскоро ќе почне селекцијата, информира организацискиот одбор на фестивалот. Конкурсот беше отворен речиси два месеца и од 2 февруари пристигнаа пријави од 173 автори.
- Најголем број на пријавени автори се од нашата земја, но радува фактот дека на овогодинешниот конкурс значително е зголемен интересот за учество на авторите од категоријата до 18 години. Од балканските земји имаме пријавени поети од Србија, Босна Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, и Романија. Иако минатата година фестивалот не се одржа, одѕивот зборува доволно за препознавањето на уникатноста и квалитетот на фестивалот. Па така, поетите со доставата на своите пријави покажаа дека фестивалот живее, пријавите се веќе доставени за оценување, рече координаторот на фестивалот Слаѓана Брезовска.
Составот на тричлената жири комисија ќе биде објавен откако ќе се извршат оценувањата, заедно со резултатите до крајот на април. По оценувањето на пристигнатите творби ќе биде објавено кои од поетите ќе влезат во финалето и ќе бидат номинирани за награди и застапени во заедничката поетска збирка, подвлече Брезовска. Меѓународниот поетски фестивал „Литературни Искри” се одржува во чест на Денот на сéсловенските просветители Кирил и Методиј - 24 Мај.
Поетскитот фестивал „Литературни искри“ е поддржан финансиски од Министерството за култура и туризам од областа на манифестации и фестивали како проект од национален интерес во културата за 2026 година. згм/вг/
Фото: принтскрин