Разговор со Дејан Дуковски на ФДУ во рамките на 60. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“
- Во рамките на програмата „Автор во фокус“, Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ - Прилеп и Факултетот за драмски уметности - Скопје вечерва на сцената на ФДУ организираат разговор со Дејан Дуковски, еден од најзначајните современи македонски драмски автори и воедно еден од најизведуваните на театарската сцена во Европа.
- Post By Андреја Ристески
- 07:11, 2 prill, 2026
Скопје, 2 април 2026 (МИА) - Во рамките на програмата „Автор во фокус“, Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ - Прилеп и Факултетот за драмски уметности - Скопје вечерва на сцената на ФДУ, организираат разговор со Дејан Дуковски, еден од најзначајните современи македонски драмски автори и воедно еден од најизведуваните на театарската сцена во Европа.
Како што соопштуваат од МТФ, разговорот со еминентниот драмски автор Дејан Дуковски ќе го води директорката на фестивалот, Ана Стојановска, и тој ќе се одвива како дел од програмата на 60. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, кој годинава ќе се реализира од 5 до 12 јуни во Прилеп.
Дуковски дипломира на Факултетот за драмски уметности во Скопје во класата на Горан Стефановски. Уште од првите драмски текстови: „Балканска 3/a“ (1988), „Последниот балкански вампир“ (1989), „Силјан Штркот Шанца“ (1991) и „Џинот и седумте џуџиња“ (1991), ја најавува својата препознатлива поетика. Неговото творештво ја носи во себе македонската драмска традиција, но истовремено ја преиспитува и ја трансформира создавајќи моќен и автентичен театарски јазик, кој директно комуницира со времето во кое живееме.
Стојаноска за Дејан Дуковски вели дека тој не пишува само драмски текстови, туку претстави. Според неа, драмата кај него се одвива во самиот текст, како да се случува на сцена, што Стојановска оценува дека ги прави неговите дела живи и поврзани со актерската игра и режисерската визија.
- Неговите драми се создаваат во дијалог со театарот, со режисерите и со публиката, а токму затоа тие постојано добиваат нови верзии и нови сценски животи. Од „Балканот не е мртов“ и „Буре барут“, до „Маме му ебам кој прв почна“, „Друга страна“ и „Утерус“, драмите на Дуковски создаваат специфична театарска текстура исполнета со цитати, иронија, балканска стварност и силен општествен коментар. Со својата фрагментарна драматургија, со својот брутално искрен и провокативен стил, Дуковски не само што ја обележува современата македонска драма туку и го најавува новиот европски бран познат под синтагмата in yer face или „драма на крв, сперма и пот“. Разговорот со Дејан Дуковски е можност одблиску да се запознаеме со авторот чии драми повеќе од три децении го обликуваат современиот театарски јазик - се наведува во соопштението на МТФ. ра/са/
Фото: МТФ „Војдан Чернодрински“