Изложба „На тивок начин“ на уметникот Маријан Ѕингаров во КИЦ во Софија
- Во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија беше отворена изложбата „На тивок начин“ на макеоднскиот уметник Маријан Ѕингаров, за која КИЦ соопшти дека се издвојува по способноста да воспостави длабок и интимен однос со публиката.
- Post By Хатка Смаиловиќ
- 10:36, 2 prill, 2026
Скопје, 2 април 2026 (МИА) - Во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија беше отворена изложбата „На тивок начин“ на макеоднскиот уметник Маријан Ѕингаров, за која КИЦ соопшти дека се издвојува по способноста да воспостави длабок и интимен однос со публиката.
-Делата не се откриваат веднаш, туку бараат внимание, трпение и концентрација. Секој слој, секоја текстура и секоја боја носат трага од времето и создаваат густина што не се исцрпува со еднократното гледање, туку продолжува да живее во свеста на секој посетител. Формите во сликите на Ѕингаров се движат на границата помеѓу материјалното и апстрактното. Контурите се расплинуваат, боите се земјени со акценти на темноцрвена и тиркизна - тонови што асоцираат на традиционалното визуелно наследство, како икони и фрески, но се трансформираат и во современ, личен израз ... Настанот во македонскиот КИЦ во Софија уште еднаш ја потврди улогата на оваа институција како културен репер и жив мост меѓу македонската и бугарската уметничка сцена. Простор што не само што ги презентира уметничките вредности, туку создава услови тие навистина да се доживеат. Со оваа изложба Маријан Ѕингаров уште еднаш ја потврдува својата позиција како автор што ја надминува класичната рамка на сликарството и гради современа визуелна филозофија т.е. уметност што мисли, чувствува и трае, се наведува во соопштението.

Изложбата ја отвори директорот на КИЦ на Република Северна Македонија во Софија, Зоран Пејковски, а се обратија и амбасадорката во Бугарија, Агнеза Руси-Поповска и бугарскиот ликовен уметник и професор на Ликовната академија во Софија, Момчил Мирчев. хс/са/
Фото: Културно-информативен центар на Република Северна Македонија во Софија