• e premte, 21 mars 2025

Несогласувања во шпанската владејачка коалиција околу вооружувањето на Европа и членството во НАТО

Несогласувања во шпанската владејачка коалиција околу вооружувањето на Европа и членството во НАТО

Мадрид, 20 март 2025 (МИА) – Партиите на шпанската владејачка коалиција ПСОЕ и Сумар денеска во Конгресот го изразија своето несогласување околу трошоците за одбраната и членството на земјата во НАТО.

Иницијативата на Народната партија, изгласана денеска, се залагаше за „потврдување на посветеноста на Шпанија за територијалниот интегритет и целосниот суверенитет на Украина“ и предложи „да се брани учеството на ЕУ и Украина во какви било преговори во врска со завршувањето на руската агресивна војна“.

За секоја точка од иницијативата се гласаше посебно, но на крајот не беше усвоена, бидејќи 165 пратеници гласаа „против“, 136 „за“, а 45 беа воздржани, пренесуваат шпанските медиуми.

Двете страни се согласија за точката која ја повикува владата да ги „отфрли заканите на американскиот претседател Доналд Трамп до трети земји, особено Панама и Гренланд“.

И ПСОЕ и Сумар, исто така, гласаа за втората точка, која се однесува на „осуда на најавата на Доналд Трамп дека ќе ја преземе контролата врз Појасот Газа со цел да го претвори во одморалиште, откако ќе изврши етничко чистење и раселување на целото палестинско население во трети земји, што би претставувало злосторство против човештвото“.

Сумар, за разлика од социјалистите (ПСОЕ) на премиерот Педро Санчез, гласаше против планот на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за повторно вооружување на Европа (ReArm), тврдејќи дека трошоците за одбраната треба да се финансираат со „распоредување на нови европски фондови“, наместо со „множење на националните трошоци“.

Оваа партија, исто така, отфрли „секакво зголемување на воените трошоци“ што ќе резултира со „намалување на ресурсите достапни за социјалната политика“.

Сумар изрази поддршка за „откажување од учеството на шпанската држава во НАТО, напуштање на овој воен сојуз и повикот за негово распуштање“. мс/

фото: МИА архива

QËNDRONI TË LIDHUR