Калас: За справување со дискриминацијата треба политичка волја, спроведување на законите и трајни промени во општеството
- И покрај напредокот, расизмот продолжува да биде пречка за правдата, еднаквоста и целосната инклузивност во општествата низ Европската Унија, нагласи високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас по повод Меѓународен ден за елиминација на расната дискриминација - 21 март.
- Post By Сашко Панајотов
- 07:25, 21 mars, 2025

Брисел, 21 март 2025 (МИА) - И покрај напредокот, расизмот продолжува да биде пречка за правдата, еднаквоста и целосната инклузивност во општествата низ Европската Унија, нагласи високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас по повод Меѓународен ден за елиминација на расната дискриминација - 21 март.
- Продолжувањето на дискриминацијата и нејзиното длабоко влијание врз поединците и општествата, во голема мера бара политичка волја, зајакнато спроведување на постојното законодавство и колективна посветеност на трајни промени, наведе Калас во писмената изјава.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Калас посочува дека пред 60 години, меѓународната заедница презеде историска заложба за иднина ослободена од расизам со усвојувањето на Меѓународната конвенција за елиминација на сите форми на расна дискриминација, како значаен договор кој го зацврстува правото на еднаквост и достоинство за сите.
- Сепак, расизмот опстојува во многу облици, што ја прави Конвенцијата витална денес како што беше и во 1965 година. На оваа 60-годишнина, повикуваме на обновени активности за да се осигураме дека Конвенцијата целосно и ефективно се спроведува во целиот свет, нагласи Калас.
Таа потенцира дека со Акцискиот план за борба против расизмот 2020-2025 година, ЕУ ги зајакна националните стратегии на своите земји членки, го зголеми финансирањето на антирасистички иницијативи и го подобри прибирањето податоци за поддршка на поинформирано креирање политики.
- ЕУ останува цврста во својата заложба за борба против расизмот во сите негови форми и за решавање на неговата структурна димензија, како во нашата Унија, така и низ целиот свет. На овој ден, ние стоиме обединети со сите оние кои се борат за достоинство, инклузија и еднаквост, потврдувајќи ја нашата посветеност за градење свет каде што се почитуваат човековите права и на сите им се даваат еднакви можности, порача Калас, најавувајќи дека до крајот на годината Европската комисија ќе ја претстави својата прва антирасистичка стратегија. сп/
Фото: МИА Архива