Киев: Разговорите во Саудиска Арабија следната недела ќе бидат од техничка природа
- Разговорите меѓу украинските и американските претставници во Саудиска Арабија во понеделник ќе се фокусираат главно на техничките прашања околу потенцијалниот ограничен прекин на огнот меѓу Русија и Украина, соопшти Министерството за надворешни работи во Киев, цитирано од ДПА.
- Post By Марија Спасовска
- 20:37, 21 mars, 2025

Киев, 21 март 2025 (МИА) - Разговорите меѓу украинските и американските претставници во Саудиска Арабија во понеделник ќе се фокусираат главно на техничките прашања околу потенцијалниот ограничен прекин на огнот меѓу Русија и Украина, соопшти Министерството за надворешни работи во Киев, цитирано од ДПА.
-Ова е состанок за утврдување на параметрите за различните предложени опции за прекин на огнот кои во моментов се на маса, изјави денеска портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Георгиј Тихи.
Тихи потврди дека Украина се согласила да го прифати американскиот предлог за целосен прекин на огнот во период од 30 дена и повторно ја обвини Русија дека досега не почнала да спроведува никаков прекин на огнот.
Тој додаде дека Украина нема информации за преговорите меѓу САД и Русија во Ријад и истакна дека украинската страна се подготвува само за разговори со американски претставници.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибига нема да патува во Саудиска Арабија, но на состанокот ќе учествува и министерот за одбрана Рустем Умеров.
Се очекува разговорите во Ријад да се фокусираат на предлогот на САД за заштита на поморството во Црното Море со спроведување на ограничен поморски прекин на огнот. мс/
фото: ЕПА