• e mërkurë, 29 janar 2025

Младите на ДУИ бараат оставка од вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ

Младите на ДУИ бараат оставка од вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ

Скопје, 29 јануари 2025 (МИА) - Младите на ДУИ бараат итна оставка од вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ и јасно дистанцирање на Владата „од антиалбанските и антизападните агенди“.

Како што беше речено денеска на прес-конференција, одликувањето „Војвода Вук“ кое му беше доделено на вицепремиерот Стоилковиќ од Здружението на српските доброволци од војните 1912-1918 година е сериозна навреда за албанскиот народ.

 -Го креваме нашиот глас против срамната провокација која ги шокира сите Албанци. Одликувањето „Војвода Вук“ кое му беше доделено на вицепремиерот Стоилковиќ е сериозна навреда за албанскиот народ и отворено исмејување на нашата историја. Ова е отворена поддршка на проектот „српски свет“ и на руската агенда во регионот. Овој човек не е министер за мир или соживот, туку алатка за дестабилизирачки проекти кои сакаат да ги вратат стравот и поделбите на Балканот. Дали е ова лицето на Владата која им вети на граѓаните еднаквост и евроатлантска интеграција? Како може да се молчи кога човек кој треба да го брани Охридскиот договор е награден за глорификација на оние кои го масакрирале албанското население во периодот 1912 - 1918? Но, тоа не беше доволно, официјалните посети и прегратки со Милорад Додик, водачот на проектот за поделба и уништување на регионот, отворено покажуваат за кого работи овој министер и кој ги води државните институции денес, истакна Ветон Садику, потпретседател на огранокот на младите на ДУИ од Гостивар.

Според Садику, „оваа држава не смее и не може да биде тло за глорифицирање на геноцидот, како и за враќање на мрачните проекти кои сакаат да ги поделат народите на регионот“.

-Ние, младите на ДУИ и млади Албанци, бараме веднаш оставка од министерот и јасно дистанцирање на Владата од антиалбанските и антизападните агенди. Ние сме тука да ја заштитиме нашата иднина и правото на достоинство. Нема да дозволиме Албанците да бидат прегазени од оние кои се уште живеат во темното минато, напомена Садику на прес-конференцијата пред Министерството за односи меѓу заедниците. мч/aa/

фото: МИА

 

 

 

QËNDRONI TË LIDHUR