• e enjte, 30 janar 2025

ЗНМ: Политички калкулации при изборот на членови во ААВМУ се неприфатливи

ЗНМ: Политички калкулации при изборот на членови во ААВМУ се неприфатливи

Скопје, 29 јануари 2024 (МИА) - Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изрази загриженост поради изборот на кандидати за членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) во собраниската Комисија за избори и именувања. Според нив, дел од избраните кандидати не ги исполнуваат формалните услови и имаат партиска позадина, што го доведува во прашање нивниот професионализам и независност. Апелираат до Собранието да избере компетентни и независни членови за да се обезбеди ефикасноста и непристрасноста на регулаторното тело.

- Загрижува фактот што дел од избраните кандидати на кои им беше дадена можност да учествуваат на јавната расправа не ги исполнуваат ниту формалните услови според објавениот оглас. Воедно проблематична е и партиската позадина на дел од кандидатите што се предлагаат за гласање во Собранието. Во исто време не се земени предвид кандидати кои имаа извонредно професионално портфолио, стои во соопштението од ЗНМ.

На денешната седница, како што наведуваат, изостанала транспарентноста при изборот на кандидатите, јасните критериуми и соодветното бодување и селекција.

- Ваквиот начин на избор отвори простор за сомневања дека при изборот на кандидатите, Собранието се води од политички договори и компромиси, а не избира според професионални критериуми, како што треба да биде при избор на членови на независно регулаторно тело како што е ААВМУ, наведуваат од ЗНМ.

Потсетуваат на важноста од политичка независност и професионалност на ова регулаторно тело. 

- ЗНМ ја истакнува важноста на изборот на компетентни и независни членови во Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ). Ова е клучно за обезбедување на ефикасноста и непристрасноста на регулаторното тело, особено во време кога се разгледуваат измените на Законот за медиуми кои предвидуваат проширување на надлежностите на Агенцијата, вклучувајќи создавање волонтерски регистар за онлајн медиумите и можност за формирање Фонд за поддршка на медиумскиот плурализам, потенцираат од ЗНМ.

ЗНМ нагласува дека работата на медиумскиот регулатор редовно е под лупа на Европската комисија и останати кредибилни организации како што се Репортери без граници и Фридом Хаус и апелира Собраниеот да покаже одговорност при изборот на членовит ена Советот.

- Ефикасноста на нивната работа, освен што влијае на подобрување на условите во кои работат сите медиуми во земјата, има особено значење во евроинтегративните процеси на државава. Само со професионален состав, со кредибилитет и интегритет ААВМУ ќе може успешно да ги исполни новите обврски и да ја задржи својата улога како независен регулатор во медиумскиот простор. Затоа, апелираме до пратениците и Собранието да покажат одговорност при изборот на членовите на Советот, имајќи предвид дека нивните одлуки директно влијаат врз слободата и плурализмот на медиумите во нашата земја, се наведува во соопштението.

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на денешната седницата ја утврди предлог одлуката за именување на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. На листата на кандидати се наоѓаат Виктор Павловски дипломиран инженер по производна информатика од Скопје, Сашо Стефановски дипломиран по филмска уметност и ТВ снимател од Скопје, Петар Џуровски дипломиран филмски и ТВ монтажер од Скопје, Цветанка Миновска дипломиран новинар од Скопје, Афрона Врзиволи дипломиран економист од Скопје, Нафије Селмани дипломиран професор по албански јазик и книжевност од Скопје и Гордана Мајнова дипломиран економист и магистер по комуникологија. ар/бак/

Фото: МИА архива

QËNDRONI TË LIDHUR