Сиљановска-Давкова на средба со претседателот на Комисијата за надворешна политика на Големото национално собрание на Турција
- Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се сретна со претседателот на Комисијата за надворешна политика на Големото национално собрание на Турција, Фуат Октај.
Скопје, 29 јануари 2025 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се сретна со претседателот на Комисијата за надворешна политика на Големото национално собрание на Турција, Фуат Октај.
Сиљановска-Давкова, како што соопшти нејзиниот Кабинет, уште еднаш изразила сочувство за пожарот што се случи во скијачкиот центар Карталкаја. Двајцата соговорници ја истакнале важноста на меѓусебното разбирање и помош во тешките мигови.
- Средбата го потврди цврстото македонско-турско пријателство. Беше констатирано дека турската заедница во земјава е нераскинлив дел од македонското општество и дека граѓаните од македонско потекло во Турција се мост за зближување меѓу двете земји. Претседателката уште еднаш ги истакна нејзините блиски релации со Турција врзани за личното, професионалното и пратеничкото искуство, се наведува во соопштението.
Соговорниците го потенцирале значењето на стратешкото партнерство за севкупните меѓусебни односи, а особено за одбраната и безбедноста. Тие се согласиле дека улогата на турската заедница е особено важна во македонското мултикултурно општество.
Сиљановска-Давкова и Октај изразиле очекување за поголеми инвестиции и зголемена трговска размена.
Претседателот на Комисијата за надворешна политика на Големото национално собрание на Турција, Фуат Октај укажал на потребата да се подобрат условите за живот во средините со мнозинско турско население со посебен акцент на инфраструктурата. Исто така, тој ја пренел желбата на неговите сонародници за почести средби со претседателката.
Претседателката Сиљановска-Давкова го поддржала турскиот предлог за воспоставување Висок совет за стратешка соработка меѓу двете држави како гаранција за продлабочување на стратешкото партнерство. Во советот, како што е наведено во соопштението, обајцата гледаат правна и институционална рамка за динамизирање на севкупната меѓусебна соработка.
- Фуат Октај укажа на големиот интерес на бројни турски граѓани со македонско потекло за побрзо добивање на македонско државјанство. Исто така, во областа на туризмот тие гледаат отворен простор за поголема соработка, се наведува во соопштението. дма/бак/
Фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова