Меѓуѕвездената комета З-И/ Атлас во петок ќе мине крај Земјата
- Кометата не претставува опасност за Земјата и според научните проценки, можно е да настанала во друг ѕвезден систем значително постар од Сончевиот
- Post By Марга Велеска
- 09:51, 16 dhjetor, 2025
Кејп Kанаверал,16 декември 2025 (МИА) – Меѓуѕвездената комета, која потекнува од далечен ѕвезден систем надвор од Сончевиот, оваа недела ќе мине покрај Земјата, по што трајно ќе го напушти нашиот планетарен систем, соопшти НАСА.
Станува збор за кометата 3-И/Атлас, откриена во текот на летото, која во петок ќе се доближи до Земјата на растојание од околу 269 милиони километри.
Американската вселенска агенција со повеќе телескопи ја следи нејзината траекторија и проценува дека нејзиниот пречник изнесува меѓу 440 метри и 5,6 километри. Земајќи предвид дека кометата постепено бледнее, астрономите посочуваат дека ноќниот период е најповолен за нејзино набљудување, со помош на телескопи.
Во март таа ќе помине релативно блиску до Јупитер – на околу 53 милиони километри, по што ќе продолжи по својата патека кон надворешните делови на Сончевиот систем.
Меѓуѕвездените комети потекнуваат од ѕвездени системи на други места во Млечниот Пат, додека кометите од Сончевиот Систем, како домашната Халеева Комета, доаѓаат од неговите ледени рабови.
Според Пол Чодас, директор на НАСА-иниот Центар за проучување на објекти блиску до Земјата, 3-И/Атлас дури во средината на 2030 година ќе се врати во меѓуѕвездениот простор и нема повторно да се појави во близина на Земјата.
Оваа комета е трет познат меѓуѕвезден објект кој поминал низ Сончевиот Систем. Од НАСА нагласуваат дека кометата не претставува опасност за Земјата и дека, според научните проценки, можно е да настанала во друг систем значително постар од Сончевиот, што ја прави особено значајна за научни истражувања и анализа. мв/сд/
Фото: МИА архива