• петок, 18 септември 2026

Јужнокорејските сили испукаа предупредувачки истрели откако севернокорејски војници ја преминаа демаркациската линија

Јужнокорејските сили испукаа предупредувачки истрели откако севернокорејски војници ја преминаа демаркациската линија

Сеул, 16 август 2026 (МИА) – Јужнокорејските вооружени сили испукаа предупредувачки истрели откако група севернокорејски војници ја премина копнената граница меѓу двете Кореи, по што војниците се вратија на својата територија, соопшти денеска официјален претставник на јужнокорејската Влада, пренесе јужнокорејската новинска агенција Јонхап.

Според јужнокорејскиот претставник, неколку севернокорејски војници ја преминаа воената демаркациска линија во источниот дел на фронтот, по што јужнокорејските сили испукаа предупредувачки истрели во согласност со оперативните процедури на армијата. Инцидентот се случил минатата недела.

Ова е прв случај годинава јужнокорејската армија да испука предупредувачки истрели поради преминување на границата од страна на севернокорејски војници. До овој случај, годинава не биле регистрирани други нарушувања на воената демаркациска линија од страна на севернокорејската армија.

Сеул смета дека севернокорејските војници најверојатно патролирале во областа и ја преминале воената демаркациска линија, којашто ја дели демилитаризираната зона меѓу двете Кореи.

Севернокорејските војници се вратија на својата територија по предупредувачките истрели, по што не беа забележани други невообичаени активности.

Според правилата за дејствување, јужнокорејските вооружени сили испраќаат предупредувачки пораки доколку севернокорејски војници се приближат до демаркациската линија, а потоа испукуваат предупредувачки истрели доколку тие ја преминат границата.

Во последните години често се пријавуваат краткотрајни преминувања на воената демаркациска линија од страна на севернокорејски војници, бидејќи Пјонгјанг ја зајакнува својата страна од границата, откако севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун кон крајот на 2023 година ги опиша меѓукорејските односи како односи меѓу „две непријателски држави“.

Двете Кореи технички сè уште се во војна, бидејќи Корејската војна од 1950 до 1953 година заврши со примирје, а не со мировен договор.

Севернокорејските сили минатата година 17 пати ја нарушиле воената демаркациска линија, објави Јонхап. ссм/

фото: архива