• среда, 15 април 2026

ЈЗУ Здравствен дом Велес доби Благодарница од Владата

ЈЗУ Здравствен дом Велес доби Благодарница од Владата

Велес, 24 март 2026 (МИА) - Благодарница од Владата на Република Македонија за помош при транспорт на настраданите во трагедијата во Кочани од 16 март 2025,  доби  ЈЗУ Здравствен дом Велес, Служба за итна медицинска помош со домашно лекување.

Во благодарницата се наведува  дека се доделува за нивното несебично стручно и пожртвувано дејствување по трагедијата во Кочани.

Доктор Родна Јорданова, директор на оваа јавна здравствена установа потенцира дека благодарницата од Владата  е  заслужена и е посветена на вработените во оваа јавна установа и посебно на Службата за итна медицинска помош со домашно лекување. Тие неуморно и не штедејќи се себеси им помагале на настраданите при укажување медицинска помош  и ги транспортирале повредените од Кочани до клиниките во Скопје, со што ја потврдиле својата хуманост и  човечност.

- Се заблагодаравувам на Владата која умее да ги препознае човечните и професионалните работници во здравствените служби, потенцира директорката Јоранова.

Во изјавата за МИА, началничката на Службата за итна помош и домашно лекување Славица  Нешова Пановски, потенцира дека нејзе и на нејзините колеги од службата оваа благодарница од Владата многу им значи.

-Кога некоја служба во здравствените установи во земјава во разни секојдневни несреќи е целосно истрошена, а  посебно при трагедии и катастрофи, на помош веднаш се јавуаат останатите служби од градовите во земјава. Ние колегите од овие служби меѓусебно си помагаме во нашата секојдневна работа, а не само во вакви трагични настани или во разни катастрофи. Во сите денови од годината дење или ноќе, кога и каде и да било во земјава кога нашата служба била повикана на помош на местото на настанот најитно што можеме упатуваме наша медицинска екипа со возило на Брза помош, појасни Нешова Пановски.ад/вј/ 

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан