Фиона Папајорѓи избрана за претседател на Уставниот суд на Албанија
- Судијката Фиона Папајорѓи попладнево е избрана за прв човек на Уставниот суд на Албанија, со тригодишен мандат
Тирана, 18 декември 2025 (МИА) – Судијката Фиона Папајорѓи попладнево е избрана за прв човек на Уставниот суд на Албанија, со тригодишен мандат.
Одлуката, членовите на Уставниот суд ја донеле едногласно и истата ќе биде доставена до шефот на државата, претседателот на Собранието и првиот човек на Врховниот суд.
Папајорѓи (49) родена е во Валона, дипломирала во 2000 година на Правниот факултет на Универзитетот во Бари, Италија, а во 2012 година на истиот Универзитет го добила научниот степен „Доктор по правни науки“.
Во периодот 2000 - 2008 година ја извршувала професијата помошник адвокат, а потоа адвокат во адвокатски канцеларии во Бари. Во периодот 2009 - 2011 година работела како адвокат во Дирекцијата за истражување, студии и публикации при Уставниот суд на Албанија, каде од 2011 - 2019 година ја извршувала должноста правен советник. Од 2007 година е професор по јавно право на неколку универзитети.
Папајорѓи доаѓа на местото на Холта Зачај, чиј мандат заврши во март годинава. вт/ми/
Фото: Фејсбук