• четврток, 25 декември 2025

Средба Гаши - Јиан: Билатералните односи со Кина во духот на меѓусебно разбирање, почитување и конструктивна соработка

Средба Гаши - Јиан: Билатералните односи со Кина во духот на меѓусебно разбирање, почитување и конструктивна соработка

Скопје, 22 декември 2025 (МИА) - И покрај географската оддалеченост, билатералните односи остануваат срдечни и продолжуваат да се развиваат во духот на меѓусебно разбирање, почитување и конструктивна соработка, истакна претседателот на Собранието Африм Гаши на денешната средба со Ли Јиан, генерален директор за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Народна Република Кина.

Гаши, како што соопшти собраниската прес-служба, ја повторил посветеноста на државата на принципот на „Една Кина“, односно признавањето на Владата на Народна Република Кина како единствена легитимна влада на кинескиот народ и признавањето на Тајван како неотуѓив дел од кинеската територија.

На средбата Гаши информирал дека парламентарното мнозинство останува цврсто фокусирано на реализација на клучните стратешки цели кои се непроменети од нашето осамостојување, односно напредок кон отворање на преговори за полноправно членство во Европската Унија.

Двајцата соговорници се согласиле дека иако соработката на билатерално ниво дава опипливи резултати во широк спектар на сектори – има простор за продлабочување на односите во областа на туризмот, културата и трговската размена. Бил нагласен и континуираниот придонес на Кинеската амбасада во Скопје за развојот и унапредувањето на односите меѓу двете држави.

На средбата, како што се наведува во соопштението, било потенцирано дека Пратеничката група за соработка со Парламентот на Народна Република Кина, која се формира во Собранието во сите досегашни мандати, е форум за воспоставување, негување и продлабочување на потесни меѓупарламентарни врски и размена на мислења за сите аспекти на законодавната работа меѓу меѓу двете држави.

Генералниот директор за европски прашања му врачил на Гаши честитка од неговиот хомолог, Џао Леџи, претседател на Постојаниот комитет на Секинескиот народен конгрес. дма/вј/

Фото: Собрание

Остани поврзан