• четврток, 25 декември 2025

Србија бележи најнизок мигрантски притисок од 2015 година, расте бројот на економски мигранти

Србија бележи најнизок мигрантски притисок од 2015 година, расте бројот на економски мигранти

Белград, 18 декември 2025 (МИА) - Комесарката за бегалци и миграција на Србија, Наташа Станисављевиќ, соопшти дека во текот на 2025 година во центрите за прием и азил биле регистрирани само 9.500 мигранти. Таа оцени дека ова е најнискиот мигрантски притисок врз Србија од почетокот на кризата во 2015 година.

Станисављевиќ истакна дека државата активно им помага на бегалците, внатрешно раселените лица и оние кои се вратени врз основа на Договорот за реадмисија. За оваа намена во 2025 година се издвоени вкупно 540 милиони динари (околу 4,6 милиони евра) за станбено згрижување, како и за дистрибуција на огревно дрво и пакети со храна.

Сепак, Радош Ѓуровиќ од Центарот за заштита и помош на барателите на азил, во изјава за агенцијата Бета по повод Меѓународниот ден на мигрантите – 18 декември, изнесе нешто поинакви проценки. Според него, во секој момент во земјата нелегално престојуваат меѓу 700 и 1.000 лица, а се проценува дека низ Србија годинава поминале најмалку 35.000 луѓе.

- Низ Србија не поминуваат само бегалци, туку има и континуиран прилив на легална работна сила, бидејќи економските мигранти сè почесто доаѓаат поради хроничниот недостиг на локални работници, изјави Ѓуровиќ.

Тој посочи дека во земјата има над 40.000 руски државјани и над 6.000 Украинци, кои поради јазичната и културната блискост побрзо се интегрираат. Ѓуровиќ упати критика до властите дека поради лошо планирање и инертен пристап, Србија пропуштила можност да прифати поголем број украински бегалци кои би можеле да бидат одговор на недостигот на работна сила. - Многумина поминаа низ Србија, но не видоа општество каде би можеле да најдат засолниште и да започнат нов живот, нагласи тој. ссм/ми/

фото: архива

Остани поврзан