Собранието ја започна 75. седница, еден час пауза пред гласањето на дневниот ред
- Пратениците изгласаа по скратена постапка да се донесат неколку закони. Меѓу нив се предлогот на законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на проектот „Обновување на товарниот возен парк“ на Железници на Република Северна Македонија-Транспорт АД Скопје и Предлогот на законот за изменување на Законот за данокот на додадена вредност.
Скопје,24 декември 2025 (МИА) - Собранието ја започна работата во рамки на 75. пленарна седница. Седницата е прекината за време на дополнувањето на дневниот ред, на барање на пратениците на Левица за пауза од еден час.
Пратениците изгласаа по скратена постапка да се донесат неколку закони. Меѓу нив се предлогот на законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на проектот „Обновување на товарниот возен парк“ на Железници на Република Северна Македонија-Транспорт АД Скопје и Предлогот на законот за изменување на Законот за данокот на додадена вредност.
Главна цел на заемот кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на проектот „Обновување на товарниот возен парк“ на Железници на Република Северна Македонија-Транспорт АД Скопје е да се зголеми бројот на локомотиви што се на располагање за давање на услуга за транспорт, а со тоа да се зголеми можноста за транспорт на стоки и генерирање приходи на Железници на Република Северна Македонија Транспорт АД - Скопје. Предвидено е да се спроведе набавка на најмногу пет електрични локомотиви. Исто така, набавката треба да ги вклучува сите потребни специјални алатки, резервни делови за да се овозможи воспоставување режим на одржување за размена на компонентите на возилата.
Дополнително, проектот вклучува и набавка на систем за планирање на ресурси на претпријатието (ERP) што ќе овозможи подобрување на оперативната ефикасност на Железници на Република Северна Македонија Транспорт АД - Скопје. Проектот ќе го имплементира Министерството за транспорт, а краен корисник ќе биде Железници на Република Северна Македонија Транспорт АД - Скопје.
Со измените на Законот за данокот на додадена вредност се врши допрецизирање во делот на одредбите кои се однесуваат на место на промет на услуги и допрецизирање во делот на одредбите кои се однесуваат на тур-оператори. Исто така до 31 декември 2028 година се пролонгира рокот на примена на повластената стапка од 5% на првиот промет на станбени згради и станови во оној дел во кој истите се користат за станбени цели и кој ќе се изврши во рок до пет години по изградбата.
На предлог на пратеници по скратена постапка ќе се носат и измени на Законот за лекови и медицински средства, чија цел е дигитализација на одредени услуги и измени на Законот за спречување на перење пари и финансирање тероризам со коишто се предвидува одложување на рокот за впишување на вистинските сопственици на странските трустови до крајот на 2027 година.
Координаторот на пратеничката група на Левица Борислав Крмов реагираше дека материјалите за некои од законите по скратена постапка се доставени до нив 24 часа пред гласањето.
Претседателот на Собранието Африм Гаши рече дека сега се носи одлука дали законот ќе се носи по скратена постапка и оти не се разгледува содржината на законите. Откако ќе се изгласа потребата за носење по скратена постапка, рече Гаши, има време да се разгледа и содржината на законите.
Во рамки на 75. седница на дневен ред е изборот на новите министри за европски прашања и за животна средина.
Како прва точка на дневниот ред е Предлогот за разрешување на Орхан Муртезани од министерската функција во Министерството за европски прашања. За нов вицепремиер и министер за европски прашања е предложен сегашниот пратеник и поранешен министер за здравство Беким Сали.
Изборот на новите членови на Владата дојде по локалните избори одржани во октомври откако Изет Меџити стапи на градоначалничката функција во Општина Чаир, кој ги извршуваше функциите прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање. За нов министер за животна средина од страна на Владата предложен е поранешниот владин портпарол Муамет Хоџа.
На дневен ред се и Предлогот за именување на неизвршен член на Народната банка на Република Северна Македонија и Предлогот на законот за ратификација на Дополнителниот протокол 7 за решавање спорови на Договорот за изменување и пристапување кон Централноевропскиот договор за слободна трговија.
Пред пратениците се и неколку предлог-одлуки за одобрување на годишни програми на неколку институции - Предлог - одлуката за oдобрување на Годишната програма за работа на Агенцијата за пошти за 2026 година и Предлог-одлуката за одобрување на Годишната програма за работа и развој за 2026 година на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор и Ревидираната фискална стратегија на Република Северна Македонија за 2026-2030 година. ев/вг/
ФОТО: МИА